Поранешниот тренер на Милан, Стефано Пиоли, е назначен за нов шеф на стручниот штаб на саудискиот фудбалски клуб Ал Наср.
Информацијата ја објави вечерва Ал Наср на социјалните мрежи.
Италијанецот Пиоли седнува на клупата на саудискиот клуб на местото на Португалецот Луис Кастро.
Со тимот на Милан, кој го водеше од 2019 година до крајот на минатата сезона, Пиоли ја освои Серија А во 2022 година, а истата година беше прогласен за најдобар тренер во италијанското првенство.
Италијанскиот стратег во кариерата предводеше уште 11 други екипи, меѓу кои Интер, Лацио и Фиорентина.
Ал Наср, во чиј редови настапуваат Кристијано Роналдо, Садио Мане, Емерик Лапорте, Марсело Брозовиќ и други познати фудбалски имиња, се наоѓа на седмото место во саудиската лига со пет освоени бода од три натпревари.