Фудбалската федерација на Италија го продолжи договорот со селекторот на репрезентација Џампјеро Вентура до 2020 година.

Вентура ја презема Италија од Антонио Конте по Европското првенство 2016 година, а со договорот беше врзан до крајот на Светското првенство во Русија следната година.

Репрезентацијата на Италија предводена од него победи на седум од 10 натпревари, одигра нерешено со Шпанија и Германија и загуби од Франција.

„Имаме целосна доверба во него“, изјави претседателот на Италијанската федерација Карло Тавекио.

Шеесет и деветгодишниот Вентура за време на 40 години долгата кариера водеше бројни италијански клубови, а пред да ја преземе репрезентацијата беше тренер на Торино.

Италија на четири кола пред крајот на групната фаза од квалификациите за Светското првенство во Русија има 16 бодови, колку и Шпанија, со која ќе се бори за директен пласман на Мундијалот.

Македонската репрезентација ќе ѝ гостува на Италија на 6-ти октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2017 12:07