Со дуелот на стадионот „Емирати“ во Лондон меѓу вечниот претендент за титулата Арсенал и најголемото изненадување во историјата на Лигата, шампионот од 2016 година Лестер стартуваше битката за превласт во Премиер лигата.

Ако утрото по денот се познава, тогаш во Премиер лигата не чека возбудлива сезона со многу голови. На премиерниот натпревар од новата сезона, Арсенал со пресврт го совлада Лестер со 4:3

Актуелниот шампион Челзи од тронот формално сакаат да го симнат 19 екипи, но само пет имаат реални шанси да го направат тоа – Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Ливерпул и Арсенал. Од тие шест клуба се очекува во наредната, како и во минатата сезона, да одлучуваат за новиот шампион на Англија.

На Островот ретко се случуваат изненадувања, сметајќи го времето од 1992 година, откако натпреварувањето го носи формалниот назив Премиер лига. Со исклучок на споменатата титула на Лестер во минатата и на Блекбурн во 1995 година, во преостанатите 23 години само четири тима беа шампион на Англија – Јунајтед, Челзи, Арсенал и Сити.

Судејќи според обложувалниците, екипата на Пеп Гвардиола има најголеми шанси, по паузата од три години, да стигне до титулата. „Граѓаните“ ова лето на засилувања потрошија 240 милиони евра, од кои повеќе од 180 отидоа на засилување на дефанзивната линија, што беше слабост на екипата во минатата сезона.

Но, има многу примери дека секогаш не победуваат најдобрите, а за четата на Гвардиола патот да не биде како прошетка низ парк ќе се погрижи најпрво градскиот ривал Јунајтед, а потоа и шампионот Челзи, Тотенхем, Ливерпул и Арсенал.

Тимот од „Олд Трафорд“ титулата ја чека од 2013 година, што за најтрофеен клуб претставува долг пост. Жозе Мурињо по една година адаптација на Јунајтед и екипата на него, е подготвен да го нападне трофејот, којшто со Челзи го освои три пати.

Бранителот на титулата, Челзи во сезоната влегува по поразот во Комјунити шилд од Арсенал.

Конте не може да му прости на Абрамович што го продаде Матиќ на големиот ривал и неколку пати истакнуваше дека не е задоволен од екипата. „Сините“ имаат мал фонд квалитетни играчи и делува дека тимот е послаб во однос на минатата сезона.

Тотенхем е единствениот тим од најсилните шест кој не доведе ниту едно засилување, но „петлите“ не ни продаваа играчи, ако се исклучи десниот бек Волкер.

Тука има добра основа за играчите, на Маурисио Покетино ова му е трета сезона на клупата, а впечатокот од претходните две е дека за влакно остана без титулата. Ако Тотенхем прикажува добар фудбал во текот на целата сезона, како што го правеше тоа во минатата, можеби ќе биде трета среќа за екипата од северниот дел на Лондон.

Ливерпул во пријателскиот натпревар против Баерн (3-0) покажа дека е подготвен за големи дела. Јирген Клоп најавуваше дека екипата е подготвена за борбата за титулата.

Најголемото засилување Мохамед Салах брзо се адаптира на екипата и во подготвителните натпревари беше еден од најдобрите поединци. Проблем за славниот клуб од „Енфилд роуд“ може да биде потенцијалното заминување на Филипе Кутињо во Барселона, но и натпреварите со „малите“ клубови.

Арсенал на одличен начин ја почна сезоната – „топчиите“ го освоија Комјунити шилд и во добро расположение ја почнуваат борбата за титулата, на која чекаат од 2004 година. Според традицијата, ретки се сезоните во кои освојувачот на тоа натпреварување доаѓа до трофејот на Премиер лигата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2017 11:19