Вардар ја заврши 2017 година со победа, во гости во Словенија кај Горење, 30-24 во рамките од СЕХА Газпром лигата. Ја остваривме 11 победа сезонава, 16-та по ред во 2017 и 17 по ред во СЕХА лигата. Ја имаме најуспешната клупска година со пет освоени трофеи, во домашниот куп, првенството, СЕХА лигата, домашниот супер куп и ЕХФ лигата на шампионите.

На последниот меч во оваа година игравме со 13 ракометари, но тоа нималку не се почуствува во играта ниту пак на резултатот. Од почеток па до крај Вардар имаше водство, не дозволувајќи им на домаќините ниту да се понадеваат дека можат нешто да сторат. Можеби Горење очекуваше против себе да има тим кој нема да биде толку мотивиран бидејќи им е последен дуел во годината, но „црвено-црните" само го потврдија реномето и формата во која се наоѓаат. Актуелниот СЕХА Газпром првак одигра максимално мотивирано до крај без да се види ни малку умор од долгата и напорна сезона.

Сакаа вардарци да ја завршат годината со стил, со победа и во тоа успеаја. Во составот ги немавме Милиќ, Чупиќ, Карачиќ, Стоилов, Дибиров и Борозан. Затоа пак расположени за играње и постигнување голови беа Македа, Циндриќ и Марсениќ кои заедно постигнаа 20 голови. Највисоката предност на Вардар во второто полувреме беше „плус 8".

Следниот меч од СЕХА лигата го играме на 2 февруари во Брест.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2017 16:02