Оној што зема знаме за да го постави на некој остров треба да знае и да го одбрани или да ја извести војската, изјави министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, упатувајќи критики до тројцата Грци, кои минатиот петок поставија знаме на грчкиот карпест и ненаселен мал остров Микрос Антропофас.
- Кога некој го зема знамето и го поставува некаде, треба да обезбеди дека тој самиот или со веќе известена војската, со крв ќе го брани знамето, до крај. Да земеш еден чамец и да речеш: Знаеш што, сега за Велигден кога излегов да прошетам ќе ставам на оној карпест остров едно знаме и после нека трчаат чуварите да го одбранат. Но тоа не е правилно, рече Каменос.
Поставеното знаме од тројца млади Грци, како што во понеделникот објави МИА беше причина за нови тензии во грчко-турските односи.
Анкара тврдеше дека турската крајбрежна служба го отстранила грчкото знаме, додека пак Атина демантираше дека имало такво нешто.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Каменос во неговиот денешен говор во грчкиот Парламент рече дека Турција води хибридна и психолошка војна, која не треба да предизвикува страв кај Грците.
Грчкиот министер за одбрана упати порака и во пресрет на туристичката сезона, велејќи дека Грција е безбедна земја во која не се во опасност ниту нејзините граѓани, ниту туристите.