Косовската Влада денеска усвои Платформа за политичкиот дијалог со Белград и ја достави на одобрување до Собранието на Косово.
Како што објави „Љајми“, по усвојувањето на документот, косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека „било крајно време“ Владата до Парламентот да достави Платформа за дијалог.
- Платформата го содржи предусловот што ја изразува добрата волја за добрососедски односи, почитување на договорите и за интеграција во ЕУ и НАТО, нагласи Харадинај.
Според него, со доставувањето на Платформата до Собранието, дијалогот станува транспарентен и ќе се овоможи сеопфатна расправа по документот.
Харадинај истакна дека косовската Влада ќе ја почитува одлуката што во врска со Платформата ќе ја донесе Собранието.
Косовскиот премиер оцени дека дијалогот Белград-Приштина е „веќе исцрпен“ и повеќе нема никакви ефекти, па затоа косовската страна ќе инсистира на негово приведување кон крајот.
Тој нагласи и дека ќе побара од пратениците да ја завршат расправата по Платформата во одреден рок.
Харадинај се осврна и на Заедницата на српските општини, истакнувајќи дека во тек е постапка за изработка на нејзиниот статут, со што Приштина ќе ја спроведе и оваа обврска од Бриселскиот договор со Белград.