Во форма на прашања и одговори, а не класична книга, на разбирлив и едноставен начин, професорот по политички науки и историја на атинскиот Универзитет „Пандио“, Димтрис Христопулос и историчарот и претседател на Архивот на современа општествена историја, Костис Карпозилос, на Грците им ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името.

Протестите за „одбраната на Македонија“, биле причината, но и поводот, да се создаде „10+1 прашања и одговори за македонското прашање“. Авторите меѓу другото, даваат одговори на теми поврзани со македонскиот јазик, македонската нација, македонскиот Устав, прашања за кои во изминатиот период интензивно се говори во Грција.

Дописничката на МИА од Атина, поразговара со авторите на книгата, како за содржината, така и за последните случувања во македонско –грчките односи.

- Токму затоа што сметавме дека сложените прашања може да имаат едноставни и логични одговори, дојдовме до оваа идеја. Затоа оваа книга ја изработивме со 10+1 прашања и одговори, каде што се обидовме да видиме кои се 10-те прашања, што прашува народот во Грција, кои се причините што Грците се толку загрижени за ова прашање и да се обидеме да покажеме како беа измислени некои вистини во Грција, кои многу често немаат врска со реалноста, вели Костис Карпозилос, за почетната идеја да се создаде ваков вид на книга.

Во однос на тоа колку лесно или тешко било да се напише книгата-прирачник за македонското прашање, историчарот вели дека најголемата тешкотија била во прашањата, затоа што ги гледале протестите и не можеле да најдат аргументи.

- Единствениот аргумент на протестот беше дека не треба да се распродаде Македонија. Но, аргумент како историски аргумент, освен за Александар Велики и антиката, не постои, објаснува Карпозилос.

Она што предизвика реакции во Грција во дел од медиумите, особено кај десничарско ориентираните се прашањата во книгата поврзани со постоењето на македонска нација и македонски јазик.

- Вие што сте? Не сте дел од македонската нација?, вели професорот Христопулос на прашањето на МИА околу постоењето на, како што авторите пишуваат во книгата, за Грција „непостоечка нација“ и додава дека „тоа е како да велиме, не ми со допаѓаат комарците. Но, комарци има, што да правиме“.

Професорот објаснува дека во преговорите за името, не треба во фокусот да биде антиката и античка Македонија, туку она што се случувало на крајот на 19 и почетокот на 20 век.

- Грција во дипломатската битка што ја води во врска со името на нејзината соседна земја, акцентот го става во прашањето за грчкиот карактер на Македонија во антиката и заборава дека од антиката поминаа 20 века, но идентитетите на денешните држави на Балканот, но и пошироко не се поврзуваат со она што биле пред 20 века, туку со она што биле во претходниот век, што значи дека македонското прашање денес, не се поставува со Филип, Букефал и Александар, ова да му го кажете и на Груевски, туку се поставува со термините од отоманската Македонија и создавање на македонски идентитет во македонскиот регион на крајот на 19 и почетокот на 20 век, објаснува за МИА професорот по политички науки.

Во однос на преговорите за името што се во тек меѓу Македонија и Грција, Христопулос вели дека за него, доколку двете страни постигнат договор, тоа ќе биде и правилното решение.

- Ако нема решение значи не е правилно, ова е моето мислење. Јас не давам имиња, ниту на тебе, како што не сакам ни ти да ми дадеш име. Ако се најде точка на компромис, тоа е правилното решение, вели Христопулос.

Карпозилос пак, го дели мислењето на двете влади дека сега е „моментумот“, дека постои отворен прозорец за решавање на долгогодишниот проблем меѓу двете земји.

- Сигурно постои поголем прозорец на можност, од оној што постоеше пред 5 години. Но, ова не се однесува само на тоа што се случува во Грција, туку и што се случува во поранешната југословенска Република Македонија. Во овој момент националистите отстапуваат и ова е нешто позитивно. Во спротивно немаше да постои разговор. И ќе треба да го задржиме отворен овој прозорец, објаснува историчарот.

Карпозилос и Христопулос велат дека граѓаните на двете земји во секојдневниот живот и во пракса, речиси и да го имаат затворено спорот со името. Грците од северниот дел на земјата редовно ја поминуваат границата, Македонците летуваат на Халкидики. Во однос на тоа дали грчкото општество е подготвено за решение, професорот по политички науки, одговара позитивно.

- Сега е многу повеќе подготвено отколку пред 25 години. Постои замореност во грчкото општество и постои зацврстување на убедувањето во еден мнозински дел од општеството дека ова треба да се затвори, треба да се затвори ова прашање и тоа е нешто што треба да го искористи грчката влада, вели Хрисопулос.

Со цел, Македонците да дознаат и сфатат како размислуваат Грците, авторите на книгата, за МИА велат дека постојат контакти, таа да биде преведена и на македонски јазик.

- Ние имаме започнато еден процес, да се преведе книгата на македонски и мислам дека би било добра можност и македонскиот народ да разбере што е она што ги блокира Грците и како размислуваат Грците, бидејќи и кај Грците како и кај Македонците, постојат националисти, но не се сите луди, вели Христопулос за МИА, додека пак Карпозилос додава дека веќе биле кај нас лани, а со задоволство би дошле пак.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање„ беше промовирана во просториите на Стопанската комора во Атина, во преполна сала и во присуство на голем број пратеници и поранешни министри од СИРИЗА, но и претставници од други грчки политички партии. Поздравен говор упати и претседателот на грчкиот парламент, додека пак новинари, професори и авторите на книгата во презентацијата дебатираа околу македонското прашање како низ историјата, така и сега, но и за актуелните преговори што се водат меѓу двете земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2018 19:59