Во преговорите, грчката страна направи отстапки, сега е време и поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за постигнување договор, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот редовен брифинг со новинарите, на само два часа пред почетокот на средбата во Виена.
Запрашан за тоа што очекува Грција од денешните преговори меѓу Димитров, Коѕијас и Нимиц, особено по вчерашната изјава на комесарот за проширување Јоханес Хан, Ѕанакопулос ги повтори позициите на официјална Атина.
Објасни дека е „јасен начинот како Грција пристапува во преговорите“, спомнувајќи ги двата грчки предуслова за постигнување договор за кои рече дека Грција мисли дека се „логични и праведни за постоење на заемно прифатен договор што ќе донесе решение на проблемот што ги измачува двете земји над 25 години“.
- Овие два конкретни предуслова се: прво сложено име и второ важење на името ерга омнес, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот. Сметаме дека во рамките на овие преговори, грчката страна ги има направено нејзините отстапки, има стигнато до средината на мостот и во овој момент, време и за поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за да стигнеме до заемно прифатен договор, рече Ѕанакопулос на денешниот брифинг, на прашањето на МИА