Известувачот за Западен Балкан на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) Андреј Зорко за МИА говори за слабоста на синдикалните организации во регионот, и како тоа да се поправи. Комитетот бара Балканот да остане приоритет на ЕУ и после бугарското претседателство. Еден начин да се докаже заложбата кон регионот е да се вклучат лидерите од Балканот на идните самити на Европската Унија, смета ЕЕСК.

Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) е консултативно тело на Европската Унија, кое се состои од социјалните партнери како што се синдикатите и работодавачите. Целта на ова тело е да бидат слушнати гласовите на социјалните партнери во ЕУ, а Европската Комисија (ЕК) е должна да се консултира со ЕЕСК кога станува збор за прашања кои директно го засегаат.

Само два дена по извештаите на ЕК за напредокот на земјите од регионот, ЕЕСК исто така, објави свој извештај за Западниот Балкан, за кој јавноста немаше прилика да слушне. МИА разговараше со известувачот, Андреј Зорко, инаку синдикалец од Словенија, за социјалната и економската состојба во регионот и евроинтеграциите на земјите.

Запрашан за слабоста на синдикалните организации во Македонија како и во целиот регион, Зорко порачува дека еден од поголемите проблеми е што бројот на членови на синдикатите од година в година се намалува.

- Ако синдикатот не е способен да организира штрајк или поголема демонстрација, тогаш синдикат нема. И работниците почнуваат сами да се организираат. Тоа за еден синдикат е најлоша ситуација. Довербата во работата на синдикатот опаѓа поради пасивноста на синдикатот, а не поради политичарите или општествената клима.

Зорко предупредува и за засиленото влијание на странските стопански комори, јавува дописничката на МИА од Брисел.

- Еден од трендовите кои ги гледаме во регионот се обидите странските стопански комори да добиваат поголемо влијание врз економската политика на државата. Само по себе тоа не е голем проблем, но станува опасно кога странската комора сака да биде учесник во социјалниот дијалог на национално ниво или дури и социјален партнер. Понекогаш имам чувство дека ефикасен социјален дијалог не е во интерес на политиката и политичарите. Како поинаку да го разбереме фактот дека огромен број реформски закони не се на дневен ред на економско-социјалните совети. Така што и политичарите си носат дел од одговорноста...

Биејќи Европската Унија располага со многу малку надлежности во областа на социјалните прашања, известувачот порачува дека земјите треба на национално ниво да се фокусираат на нив. Комитетот, сепак, ја повикува Европската Комисија да го вклучи ефикасниот социјален дијалот во критериумите за членство во Унијаат. На македонската социјал-демократска влада тој и порачува социјалната димензија самоиницијативно да ја стави во срцето на реформскиот процес за ЕУ.

- Треба да се знае и дека економскиот раст сам по себе не носи подобра социјална слика. На социјалната стабилност треба да се работи и да се има предвид човекот, бидејќи реформските закони, реформите како такви не се прават за меѓународната заедница или меѓународните институции. Реформите треба да им служат на луѓето, да се подобри нивната социјална состојба. Затоа би требало секој закон да има посебно поглавје како и на кој начин ќе влијае врз социјалната положба на луѓето.

Членовите на ЕЕСК на 15-ти мај во Софија, исто така, ќе имаат свој вид “самит“, по пример на оној на шефовите на држави и влади на ЕУ и регионот кој ќе се одржи два дена подоцна. Целта е да се слушнат гласовите на социјалните партнери и на граѓанското општество во рамките на процесот на проширување на ЕУ.

ЕЕСК, исто така, бара Европската Унија својата заложба кон Западниот Балкан да ја одржи и по завршувањето на бугарското претседателство, кое, според Андреј Зорко, има голема заслуга за враќањето на регионот во приоритетит на Унијата. ЕЕСК бара и ЕУ во иднина да ги вклучи лидерите на земјите од регионот на своите Самити и со тоа конкретно да докаже дека навистина смета дека регионот припаѓа во ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2018 14:48