Делегација на Министерството за култура на Република Македонија, предводена од министерот Роберт Алаѓозовски престојува во Црна Гора, каде што има интензивни активности во рамки на состанокот на Управниот одбор на Европската мрежа за литература и превод „Традуки“.
По неодамнешниот прием во „Традуки“ во ноември 2017 година, Македонија ја интензивира соработката во рамки на Мрежата. На средбите, како што соопшти Министерството за култура, била обезбедена поддршка за повеќе преводи на македонски издавачки куќи и за два книжевни фестивали што ќе се одржуваат во Скопје.
На средбата на Мрежата било договорено Македонија да биде домаќин на следната средба на „Традуки“ на крајот на октомври 2018 година. Освен тоа, во рамки на состанокот на „Традуки“ во Црна Гора, се одржала книжевна средба на која биле претставени тројца автори од регионот, а меѓу нив и Фросина Пармаковска, како претставник од најмладата книжевна генерација во Македонија.
Министерот Алаѓозовски остварил средба и со министерот за култура на Република Црна Гора, Александар Богдановиќ и министерката за култура на Република Албанија, Мирела Кумбаро Фурџи, при што било потврдено одржувањето на претстојната трилатерална министерска средба на 6 јуни во Охрид.
Насоките за одржување на оваа министерска средба пред 42. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО биле дадени од Антена Канцеларијата на ЈИЕ на УНЕСКО за време на министерската средба на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE) на 4 април 2018 година во Сараево.
Средбата ќе се организира со цел да се разменат искуствата во спроведувањето на акциските планови, стратешките и законските рамки меѓу градовите Котор и Охрид, градови на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Воедно, на состанокот ќе се разговара за усогласување на активностите за управување со Охридскиот Регион со Република Албанија, која неодамна до Центарот за светско наследство на УНЕСКО го достави досието за проширување на веќе впишаното добро на листата на УНЕСКО на светско наследство на „природно и културно наследство на Охридскиот регион и на територијата на Република Албанија“.
Инаку, во македонската делегација во Црна Гора е и в.д. директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов, кој имал интензивни средби при што договорил конкретна соработка со три музеи од Црна Гора, меѓу кои и со Музејот на Подгорица. Договорена е и реализација на заедничка изложба со Народниот музеј на Црна Гора и на Музејот од Цетиње со наслов „Немаштијата на крајот на Првата светска војна“, која ќе се реализира во Скопје, Љубљана и во Цетиње на крајот од оваа година.