Решение не може да постои без претходно соседната земја да го промени нејзиниот устав и комплетно и неповратно да ги отстрани сите елементи на иредентизмот, вели Кирјакос Мицотакис, лидерот на најголемата грчка опозициска партија, говорејќи пред одговорните на различните сектори во Нова демократија.
Мицотакис смета дека начинот на кој владата управува со преговорите, предизвикува загриженост и уште еднаш го повтори неговиот став дека „нема да ги поделат Грците, за да ги обединат Скопјаните“.
- Особена загриженост предизвикува ситуацијата во скопското прашање. Таму каде што тајната дипломатија, со незнаење на никој, одеднаш донесе во прв план едно прашање, кое како што се чини, не беше зрело да се реши. И уште полошо, со скопското прашање, владата на крај успеа да ги обедини и да ги зајакне нашите соседи и се обиде да ги подели Грците, вели лидерот на опозициската Нова демократија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис упати остри критики до владата на премиерот Алексис Ципрас дека е опасна за грчката надворешна политика.
- Оваа влада е опасна и ја предупредувам конечно да стане сериозна барем во националните прашања. Бидејќи ќе биде криминално ако во надворешната политика на земјата ја повтори штетата што ја предизвика во националната економија, рече Мицотакис.
Говорејќи за економијата на земјата и ставот на владата дека по 20 август земјата излегува од меморандумската политика и програмата за финансиска поддршка, Мицотакис му порача на Ципрас, ако е навистина така, тогаш да распише избори во септември.
На тоа стигна експресен одговор од кабинетот на грчкиот премиер, со порака дека лидерот на Нова демократија е принуден да чека уште една година за избори (кога истекува мандатот на владата), но и уште четири дополнителни години.