Патријархот московски и на цела Русија Кирил, заедно со поглаварот на Албанската афтокефална православна црква Анастас Јанулатос денеска чиноначалствуваа со литургијата во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана, во сослужение на свештеници од двете цркви.
И на денешната и на синоќешната богослужба соборниот храм беше преполн од верници, а видно беше и засиленото обезбедување.
Високата руска црковна делегација вчера на меѓународниот аеродром во Тирана беше пречекана од поглаварот Јанулатос, придружуван од членови на Светиот Архиерејски Синод, како и претставници на руската амбасада во Тирана.
- Со братски чувства и со цела душа и чест, ве дочекуваме наш Свет брат Патријарх московски и на цела Русија господин Кирил и посакуваме со посредство и инспирација на Свети Кирил, чие име го носите, да продолжите со вашиот верски придонес, со неговата мудрост поттикната од Бога и неговите големи соништа, му се обрати архиепископот Јанулатос пред почетокот на богослужбата уште еднаш посакувајќи му срдечно добредојде.
Првиот човек на руската црква рече дека неговата посета отвора ново поглавје во пријателските односи меѓу црквите. Во својата беседа се посвети на прогонот на свештениците од комунизмот во Албанија.
- Но, спротивно на намерите на прогонителите, се случило воскресение на религијата, враќање во живот, бидејќи крвта на мачениците е семето на христијанството. Господ ни ја испрати својата добрина и Автокефалната црква на Албанија целосно уништена во минатото, денес воспоставена со нова слава, благодарение на самопожртвуваната работа на нејзиниот примат патријархот Анастас. Се надевам дека со помош на Бога, мојата посета ќе отвори ново поглавје во односите меѓу нашите и сите братски православни цркви, порача патријарх Кирил.
Рускиот великодостојник утре ќе има официјални средби со претседателот Илир Мета и премиерот Еди Рама, а пред заминување ќе го посети и новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија која се наоѓа во кругот на манастирот.