Либански фалафел, мексикански тортиљи, јапонско суши, шпанска паеља, сладолед од биволско млеко, грчко гиро и француски кроасани, беа само дел од специјалитетите што можеа да се вкусат на годинашниот Стрит фуд фестивал во Солун.

Се точеше пиво, но се мешаа и мирисите на тазе кафе и свежо цедени сокови. Атмосферата беше збогатена со музика коа доаѓаше од три страни. Ди-џеи пуштаа реге, етно и њу ејџ преку трите сцени: едната веднаш лево од влезот, другата во амфитеатарот, а третата позади главното случување.

Фестивалот се одржа викендов, на 28 и 29 април, а повеќето посетители, покрај домашните, како да беа од соседството. Меѓу купувачите на речиси секој штанд можеше да се слушне македонски, но и српски и бугарски јазик.

Се бараше гиро и фалафел плус, но посебно интересни за гостите беа биволските колбаси и прасечкото подготвено на италијански начин, познато како „поркета“. Гурманите се насладуваа на ова обескостено месо со кожа и сланина, печено во ролат со зачини.

Привлечни, повеќе за гледање отколку за јадење, беа и бургерите чии лепчиња, веројатно баварски, толку светеа, што оддаваа впечаток како да се лакирани или премачкани со некојa проѕирна глазура.

Димеше на сите страни, дури и во катчето наменето за најмладите. А тие, растрчани или испоседнати по пластичните столчиња, се смееја и џагореа, мусави по лицето. Очигледно ги правеше среќни тоа што им се топеше во устата.

Стрит фуд фестивалот во Солун го организираше Соул фуд Солун во соработка со Блек радио Берлин и Up'n'loud. Идејата за ваквиот настан, велат, произлегла од патувањата, љубовта кон храната и историјата на градот.

- Во нашиот мозок, гастрономското пребарување е нераскинливо поврзано со секое патување. Чудни вкусови, стари и нови рецепти, непознати комбинации и материјали. А Солун, градот - раскрсница и лулка на мултикултурализмот, ни го покажува вистинскиот правец, од Индиа до Америка, од Европа до Азија, нагласуваат организаторите.

Нивната цел е Солун да стане главен град на гастрономијата во Европа.

Стрит фуд фестивалот во Солун првпат се одржа лани. Оваа година беше организарано второто издание.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2018 15:05