Мирно, без инциденти, но и без голема масовност и со антивладини слогани завршија протестите во Атина што го одбележаа Денот на трудот.

Во центарот на Атина денеска се одржаа два одделни протеста, едниот организиран од синдикатот на Комунистичката партија на Грција, другиот од двата најголеми грчки синдиката на вработените во јавниот и приватниот сектор.

„Борба против меморандумите и мерките на штедење“; „Работа за сите, а не фрегати и Ф16“, „Борбата на народот продолжува“, беа само дел од слоганите испишани на паноата на демонстрантите.

Дописничката на МИА од Атина поразговара со неколку граѓани кои решија да учествуваат во првомајскиот протест. Во поголемиот број, граѓаните беа членови на различни синдикати, а речиси сите се со идентичен, песимистички став дека земјата е далеку од излез од кризата и покрај најавите од грчката Влада дека во август Грција ќе влезе во „постмеморандумски“ и период на заздравување на грчката економија.

- Владата со најавите дека земјата излегува од меморандумите се обидува да им создаде илузија на граѓаните. И утре да излеземе од меморандумите или во август како што вели Владата, значи ли тоа дека ќе се поништат сите закони изгласани во изминатите седум години? Нормално дека нема. Народот и понатаму ќе продолжи да живее со тие антикризни мерки, како што живее и сега и ситуацијата дополнително ќе се влоши, вели Никос, еден од демонстрантите, во кус разговор за МИА.

Пензионерката Василики, која заедно со нејзиниот сопруг учествуваше во протестот, смета дека „до тука до каде што нѐ доведоа, тешко дека ќе излеземе од кризата. Ова е крајот за Грција, нема спас“.

- Одлуките не ги носи Владата, други и налагаат. И да се смени власта, повторно исто ќе биде. Не сум воопшто оптимист за иднината на земјата, вели демонстрантот Маркос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, заедно со граѓаните, на протестот учествуваше и поранешниот министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, кој заедно со неговата сопруга и членови на неговата партија Мера25, маршираа низ улиците на Атина.

- Ситуацијата секој ден е полоша, нема да има излез од меморандумите, истакна Варуфакис.

Присутен беше и уште еден поранешен министер од претходната влада на Ципрас, Панајотис Лафазанис, кој сега е лидер на партијата Народно единство.

На протестите имаше и зголемено полициско обезбедување, а во околината на централниот плоштад Синтагма, се забележуваа и голем број туристи.

Дел од демонстрантите, од центарот на Атина се упатија кон американската Амбасада каде што го завршија протестот.

Освен во Атина, протести денеска имаше и во Солун и во други грчки градови.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2018 17:25