Не може со мејлови да се води производство. Од директорската позиција на „Апатинска пивара“ заминав кога дојдов во ситуација да морам да одговарам на 150 мејлови, вели во интервју за „Новости“ поранешниот директор на „Апатинска пивара“ и еден од најуспешните српски бизнисмени Раде Свилар.
- Требаше по цел ден да се допишувам, а да не знам што се случува во фабриката. Електронската пошта служи за да се избегне одговорност за некаков проблем. Добриот менаџер, освен што умее да раководи, мора да знае да го реши секој проблем во работењето. А, пиварата со која јас раководев стана број еден во Србија и имаше дури 42 отсто од уделот на пазарот благодарение на кадарот што сама го создаваше. На денешните раководители, главно им се важни бонусите, вели Свилар, кој по осум години доби покана да се врати на местото каде што го достигна најголемиот професионален успех, но се уште се колеба дали да ја прифати советничката функција што му се нуди бидејќи, како што тврди, не е задоволен од тоа што го затекнал.
Инаку, тој за својата работа е добитник на десетина награди.
- Денес, кога зборуваат за образование преку економија, мене тоа ми делува смешно, бидејќи ние во минатиот век направивме програма за Земјоделско училиште во Сомбор, отсек пивар. Сите ученици кои завршија таму, добија работа кај нас. Дури и во најтешките воени години и санкции нашите инженери добиваа најквалитетна германска литература за да бидат во тек со пиварството. Ги праќав на саеми, главно во Германија. Не смееја да одат на шопинг, туку да донесат знаење, додава Свилар.