Косовските емигранти лани на своите семејства во Косово им испратиле 759,2 милиони евра, што е за 68,2 милиони евра повеќе во однос на 2016 година, кога таа сума изнесувала 691 милиони евра.

Приливот на средства во Косово главно потекнува од Германија, Швајцарија, САД, Италија, Шведска, Австрија, Франција и Велика Британија.

Покрај депозитите кои постојано ги испраќаат во Косово, емигрантите големи финансиски средства трошат и кога доаѓаат на одмор во својата роден крај, особено за време на летната сезона.

Економските експерти сметаат дека дознаките од дијаспората во Косово и натаму претставуваат еден од главните извори на финансирање на потрошувачката на домаќинствата. Според нив, тие исто така претставуваат извори кои обезбедуваат стабилна социјална состојба.

Поради тешката економска и социјална состојба на семејствата, емигрантите се принудени финансиски да ги помагаат, проценуваат експертите.

Експертот за економски прашања Мејди Бектеши вели дека последните години депозитите на емигратите бележат постојан раст и смета дека тие ќе бидат уште повисоки по добивањето на визната либерализација.

- За наредната година или со побрза визна либерализација, дознаките ќе бидат уште поголеми поради можноста за слободно движење на косовските граѓани, главно младите луѓе, кои ќе одат на образование и можат да работат за да испратат пари на нивните семејства во Косово. Верувам дека доколку се случи либерализацијата ќе се зголемат дознаките, вели Бекташи.

Инаку, според прелиминарните резултати од пописот во дијаспората, бројот на косовски граѓани кои живеат во други земји во Европа и светот, а кои одговориле на пописот, изнесува околу 350 илјади. Сепак се проценува дека реално таа бројка е многу поголема.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2018 13:04