Новата трилатерална средба на 12 мај во Атина меѓу Димитров, Коѕијас и Нимиц, изјавите на шефовите на двете дипломатии и можноста Заев и Ципрас да се сретнат во Софија, се најдоа во фокусот на грчките новинари во текстовите за вчерашните активности во Солун, во рамките на третиот министерски состанок на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција.

„На средината на мај, нова средба на Коѕијас- Димитров, во присуство на Нимиц“; „Коѕијас за ПЈРМ: И тие да направат отстапки од нивна страна“; „Одмерен оптимизам од Коѕијас и Димитров за скопското прашање„; „Нова трилатерална за името на ПЈРМ во Атина“; „Коѕијас за името: Ако постоеше решение за ерга омнес, ќе направев забава“; „Димитров: Постои волја за решавање на името, можеби ќе го фатиме возот за Европа“, се дел од насловите во грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Весникот „Катимерини“ ја пренесува изјавата на шефот на грчката дипломатија дека Атина направила отстапки и дека сега е Македонија на ред да ги направи нејзините отстапки, но и дека не ја исклучи можноста за нова средба на премиерите на двете земји.

- Практично, доколку разговорите во Атина донесат резултат, една веројатна можност за средба на господата Алексис Ципрас и Зоран Заев е онаа на 16 мај на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија, пишува „Катимерини“.

Државната телевизија „ЕРТ“, објави дека вчерашната билатерална средба на Димитров и Коѕијас поминала во позитивна клима и позитивна насока, но и дека шефовите на двете дипломатии, имале тет а тет разговор и пред работната вечера во четвртокот вечерта.

Телевизијата „Скај“, на официјалниот сајт, пишува дека на средбата, Димитров и Коѕијас разговарале за варијантите на решенија за прашањата за кои постојат разлики.

- Двајцата министри избегнаа да појаснат кои алтернативни сценарија се најдоа на масата ниту пак како соодветно ќе се обликува временската рамка за имплементирање на можниот договор, пишува „Скај“.

Грчките медиуми, во текстовите ги пренесуваат изјавите на шефот на македонската дипломатија, веднаш по прес конференцијата и средбата со Коѕијас.

- Господинот Димитров, од своја стана, изрази волја за решавање на разликата и говореше за „тешка трка со времето“ и истакна дека „со малку креативност и мобилност од двете страни можеби ќе постои време за да го фатиме возот“, алудирајќи на ЕУ, пишува „Катимерини“.

Како вчера јави дописничката на МИА од Атина, Димитров и Коѕијас, ќе одржат нова рунда разговори со медијаторот Нимиц следната сабота, на 12 мај во Атина, на ден по конференцијата во Сунио.

- Никос Коѕијас и Никола Димитров ќе се сретнат во Атина заедно со специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, за да ги разгледаат следните чекори во рамките на процесот на преговори за името што е во тек, пишува весникот „Та неа“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2018 18:23