Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени денеска во Истанбул дека односите со Турција, кои сега се на високо ниво, пружаат голем потенцијал за натамошен развој на економските односи. Воедно, тој ги повика турските инвеститори да продолжат со инвестирање во Србија.
Од своја страна, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган укажа дека целта е трговската размена со Србија да достигне три милијарди евра, односно тројно повеќе од сегашната.
Вучиќ оцени дека односите со Анкара никогаш не биле потребни и потенцираше дека Србија ја почитува Турција и инвестициите од таа земја, но дека тоа е само почеток.
- Србија ќе вложува големи напори за да ги унапредиме нашите економски односи и да ги подигнеме на ниво кое би можело да одговара на уште поголемите турски напори и одличните политички односи кои ги воспоставивме, рече Вучиќ.
Тој им порача на турските инвеститори дека во Србија ќе добијат за најмалку пет отсто подобра понуда од која било друга земја на Балканот или во Југоисточна Европа.
- Донесете ни хартија и кажете: еве ова ни понудија во Бугарија, Романија, Македонија и од нас ќе добиете најмалку пет отсто подобри услови, изјави Вучиќ и дополни дека во рок од 48 часа можат да дојдат до државниот врв кој ќе го решава секој нивни проблем.
Ердоган изрази надеж дека средбата со Вучиќ ќе биде можност за нова соработка и нови проекти.
- За нас Србија е пријателска земја, која е клучна за мирот и стабилноста на Балканот. Постои силна волја за унапредување на односите на сите полиња, изјави Ердоган.