Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Анкара истакна дека Турција ќе придонесе за поголема стабилност на Балканот.

- Ќе придонесеме за се што ќе донесе траен мир и стабилност на Балканот, наведе Ердоган, додавајќи оти проектот за автопатот помеѓу Белград и Сараево пред се е проект на мирот и развојот.

Вучиќ се заблагодари за подигнувањето на економската соработка меѓу двете земји на највисоко можно ниво.

- Турскиот лидер е најзаслужен за молскавичниот напредок во соработката меѓу двете држави, наведе Вучиќ.

Тој додаде дека во првите три месеци од годината трговската размена меѓу Србија и Турција зголемена е на 31,4 проценти, а до крајот на годината ќе ја достигне бројката од 1,3 милијарди евра.

Српскиот претседател му се заблагодари на Ердоган за турските инвеститори кои отвораат фирми во Србија.

- И во сите други области имаме значителен напредок. Се надевам дека набрзо ќе заврши и изградбата на Турски поток, бидејќи ние немаме гас и до сега немаме решение ако дојде до прекин на гас од Украина, посочи Вучиќ.

Српскиот претседател наведе и дека Турција е најголема сила на Балканот.

Тој додаде дека Србија при обидот за воен удар јасно ја потврди поддршка за Турција.

- За нас е многу важно да имаме добри, партнерски односи со Турција и да се сочува мирот и стабилноста, истакна Вучиќ.

Двајцата претседатели ја потенцираа и цврстата определноста во борбата против тероризмот и најавија понатамошна соработка во таа област.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 23:47