Синиша Мали, кој во изминатите четири години беше градоначалник на Белград, ќе биде новиот министер за финансии, објави Радио телевизија Србија.
Како што претходно соопштија од српската Влада, министерот за финансии Душан Вујовиќ одлучи од лични причини да се повлече од функцијата, за што ја информирал премиерката Анан Брнабиќ.
Неговата оставка доаѓа истиот ден кога во Белград пристигна делегација на Меѓународниот монетарен фонд, на која е најавено дека ќе се разговатра за модалитетите на идната соработка на Србија со оваа институција. Делегацијата на Србија во овие разговори, наместо Вујовиќ ги предводи гувернерката Јоргованка Табаковиќ.
Вујовиќ во оставката наведе дека во времето на неговиот мандат се постигнати значителни резултати за макроекономската стабилизација, фискалната консолидација и структурните реформи.
Како што претходно беше објавено од Владата, Брнабиќ му се заблагодари на Вујовиќ за досегашната соработката и постигнатите резултати.
Премиерката денес ги откажа сите состаноци и веќе ја проследи до Собранието оставката на Вујовиќ. Според законскиот рок таа треба во рок од 15 дена на Собранието да му предложи нов министер, кој се бира со мнозинството гласови на пратеници.
Српските медиуми вчера и денеска пишуват и за најавената од Брнабиќ од пред месец дена реконструкција на Владата. Така весникот „Данас“ објави дека реконструкцијата ќе се случи до крајот на јуни, веднаш по изборот на новиот градоначалник на Белград и дека ќе бидат сменети најмалку пет министри.
Весникот, наведува дека по неодамнешниот конфликт со премиерката околу хрватската книга, која наводно го промовира хомосексуалниот брак, српската Влада најверојатно ќе ја напуштат министерствата за инфраструктура и европска интеграција, Зорана Михајловиќ и Јадранка Јоксимовиќ.
Министерството за култура, наместо Владан Вукосављевиќ, би можело да го преземе директорката на Белградскиот фестивал на танцот Аја Јунг или директорот на Музејот на современа уметност Слободан Накарад, додека се уште е неизвесно дали функциите ќе ги задржат министрите за спорт и заштита на животната средина, Вања Удовиќ и Горан Триван.
„Данас“ исто така наведува дека најнеизвесно е кој ќе го наследи Горан Кнежевиќ на местото на министер за економија.
Според ТВ Н-1 министерското место на Ненад Поповиќ исто така е доведено во прашање по неговиот судир со Брнабиќ околу сликовницата за геј бракови, а градскиот менаџер Горан Весиќ се споменува како замена за Зорана Михајловиќ. Телевизијата уште вчера, пред објавата на оставката на Вујовиќ најавија дека тој ќе биде заменет со градоначлникот Мали.
И Брнабиќ по кавгата во Владата околу сликовницата за деца во која „Роко има две мајки, а Ана има двајца татковци“, според медиумите понудила оставка, но претседателот Александар Вучиќ и одговорил дека „тоа не доаѓа во предвид“.
Вучиќ вчера за време на посетата на Турција изјави дека реконструкцијата не е тема во овој момент, бидејќи е поважно решавањето на косовското прашање.
- Јас не мислам дека се очекува реконструкција на Владата. Како претседател на партијата за два до пет месеци ќе ги чујам прво сите предлози на премиерката Брнабиќ, а потоа ќе имам разговори во партијата, истакна српскиот претседател кој денес е во посета на Москва со рускиот претседател Владимир Путин.