Со своето присуството во Егејското Море, НАТО дава свој придонес во имплементацијата на Договорот меѓу ЕУ и Турција и за значително намалување на илегалните преминувања на мигранти, оцени генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
- Податоците од ОН покажуваат дека по присуството на бродовите на НАТО во Егејското Море од 2016 година, се забележува значително намалување на бројот на илегални преминувања. Присуството на НАТО е важно, бидејќи помага во откривањето на нелегалните преминувања, а потоа ги известува грчката крајбрежна стража и турските власти, но и ФРОНТЕКС. изјави Столтенберг во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Според него, присуството на бродовите на НАТО во Егејското Море придонесува и за зајакнување на соработката меѓу Турција и Грција, како и меѓу Турција и ФРОНТЕКС. што е особено важно за справување со ситуацијата.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, генералниот секретар на НАТО изразува загриженост за грчко-турските односи, односно за инцидентите во Егејското Море, но потенцира дека овие разлики треба да се решат со меѓусебни контакти на двете земји членки на Алијансата.
Столтенберг има идентичен став и во однос на прашањето со двајцата грчки војници кои од почетокот на март се наоѓаат во затвор во Турција, откако поради лошото време се изгубија и преминаа на турска територија.
- Постојат несогласувања, разлики меѓу сојузниците во НАТО, но мислам дека ова го покажува и начинот на кој функционира НАТО, кој има 29 сојузници и каде што сите одлуки се носат со консензус, така што, НАТО не располага со механизми за решавање на разликите меѓу сојузниците. Со тоа, ги повикуваме Турција и Грција, со овие прашања да се справат преку директен контакт меѓу нив, вели генералниот секретар на НАТО во интервјуто.