Претседателот на Косово, Хашим Тачи денеска ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, со која ќе разговара за продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, соопшти неговиот Кабинет.

Косовските медиуми јавуваат дека состанокот доаѓа во момент кога Германија очекува Белград и Приштина да потпишат правно обврзувачки договор за нормализација на односите.

Договорот би требало да биде потпишан на крајот од дијалогот за кој косовската Влада го овласти Тачи, што за опозицијата и некои партии од владејачката коалиција е неприфатливо.

Според весникот “Коха“, тие сметаат дека Тачи „не е соодветен за оваа улога“.

Пратеникот на Движењето Самоопределување, Реџеп Сељими за Радио Слободна Европа изјави дека за неговата партија е неприфатлива лидерската улога на Тачи во дијалогот. Тој изјави дека Тачи и до сега водел дијалог со Белград, од кој произлегле договори што се штетни за Приштина.

- Можеби директно, а можеби индиректно, тој ги брани интересите на Србија. Така што не само што не е соодветен, туку е и штетен и со тоа неприфатлив за Движењето Самоопределување, а мислам и за остатокот од опозицијата, но и за косовското општество, рече Сељими.

Од друга страна опозицискиот Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) оцени дека платформата за политичкиот дијалог со Белград е без содржина и ништо не дефинира. Шефот на парламентарната група на оваа партија Абдулах Хоти претходно изјави дека Тачи не успеал да обезбеди единство на политичките партии во однос на дијалогот со Белград.

- Во платформата се гледа дека дијалогот му се препушта на претседателот кој треба да обезбеди политичко единство. Овој претседател досега не успеа да го направи тоа, рече Хоти.

Пратеникот на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Земун Пајазити изјави дека политичките партии треба да седнат и да разговараат со цел постигнување консензус во врска со дијалогот.

- Во однос на спротиставувањето на опозицијата околу претседателот тоа би требало да се реши, доколку има некоја алтернатива, поинаква формулација или поинаква идеја. За сега ја нема. Се надевам дека тие ќе размислат и се надевам дека работите ќе се разјаснат со разговор, изјави тој, додавајќи дека не е сигурен оти исклучувањето на опозицијата ќе придонесе за овој процес.

Според него, воопшто не е важно која личност или партија е во прашање. - Важно е да бидеме заедно и институциите кои се задолжени за тоа да преземат одговорност, истакна Пајазити.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 09:10