Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, и натаму е воздржан оптимист за можноста од изнаоѓање договор меѓу Македонија и Грција.
На денешната средба со акредитираните новинари во грчкото МНР, Катругалос, покрај тоа што разговорите за името не се во негова надлежност, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека прозорецот на можности е факт, но не и договорот меѓу двете земји.
-Факт е дека постои прозорецот на можности, отворен е и секако интензивирани се разговорите. Но, во никој случај, не е дека е постигнат договор. Се надевам дека ќе има дополнително придвижување за прашањата. И продолжувам да сум воздржано оптимист за решение, рече Катругалос.