Се надевам дека и во иднина ќе продолжуваме успешно да се соочуваме со предизвиците, посетата на Грција ги нагласува врските меѓу двете земји, изјави принцот Чарлс на почетокот од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

– Се надевам дека што и да се случи во иднина ќе успееме да го делиме сето она што го делиме сега. И дека ќе успееме да постигнеме многу што се однесува на безбедноста, но и во однос на миграцијата и сите големи предизвици со кои што се соочуваме, наведе принцот Чарлс.

– Мислам дека вашата посета може да биде обележје во нашите билатерални односи, особено сега кога нашите две земји се соочуваат со важни предизвици во нивните истории и ова е причината зошто верувам дека треба дополнително да ја зајакнеме нашата соработка, рече Ципрас и откри дека ја прифатил поканата на британската премиерка Тереза Меј и следниот месец ќе го посети Лондон следниот месец.

Додека траеше средбата на принцот Чарлс со грчкиот премиер, неговата сопруга, војвотката Камила, во придружба на партнерката на Ципрас, го посети атинскиот музеј Бенаки.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претходно, принцот Чарлс и војвотката Камила беа примени од претседателот на Грција и неговата сопруга.

Прокопис Павлопулос, посетата на принцот ја карактеризираше како историска, спомена дека двете земји ги поврзуваат заеднички борби во минатото и додаде дека посетата додава уште една важна алка во синџирот на пријателство.

Принцот Чарлс, му се заблагодари на грчкиот претседател за поканата и приемот и говореше за силната врска меѓу двете земји.

Кралската брачна двојка во вечерните часови повторно ќе ја посети претседателската палата, за официјалната вечера што во нивна чест ќе ја приреди Павлопулос.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 22:54