Косовскиот премиер Рамуш Харадинај е оптимист кога станува збор за добивање визна либерализација за неговата земја, верувајќи дека во јуни Косово очекува да добие препорака за тоа.
- На крајот од годинава верувам дека ќе бидат укинати визите. Очекуваме во јуни да се даде препорака, изјави Харадинај.
Тој ја коментираше и изјавата на заменик претседателот на Парламентот на Европа, Рајнер Виланд, кој побара од косовските државници да не избрзуваат со датумот за визи.
Харадинај смета дека изјавата на Виланд повеќе била барање политичарите во Косово да се фокусираат на работата.
- Се уште треба да се одработат уште многу нешта, но гледам дека земјата има напредок и ние сме подготвени да ја поддржиме. Европскиот парламент инсистира условите да се исполнат. Им порачувам на сите да не даваат ветувања дека многу набрзо ќе се случи визна либерализација, изјавил Виланд по средба со претставници на опозицискиот Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа.
Главен услов за добивање визна либерализација прво беше ратификација на договорот за границата со Црна Гора а потоа беше побарано зајакната борба против корупцијата. Дел од медиумите како услов го споменуваат и формирањето на Заедницата на српски општини.