Кога ќе има имаме договор и правна ратификација на истиот, тогаш ќе се отвори патот кон ЕУ, вели шефот на грчката дипломатија во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот за иднината на Европа, што денеска се одржа во Сунио.

- Мислам дека од моментот кога ќе се договориме и ќе постои правна ратификација на договорот, патот за да се отворат преговори со Европската унија е отворен. Утре во 10.30 ќе имаме нов круг преговори, доаѓа и Нимиц. Претходните преговори се одржаа во Солун, без негово присуство. Мислам дека ако и двете страни длабоко од срце сакаме да завршиме со проблемот што не би требало да е нерешен. Како што велам со Никола, како министри повикани сме да решиме проблем што не го создадовме, рече Коѕијас.

Притоа тој не даде конкретен одговор на прашањето на МИА дали во духот на денешната дискусија за важноста на европската перспектива на регионот, Грција би прифатила Македонија да добие датум за отпочнување пристапни преговори, доколку претходно нема решение на името.

Шефот на грчката дипломатија рече дека имаат одговорност кон регионот да се реши проблемот, затоа што верува дека тоа ќе ја зголеми стабилноста и безбедноста на земјите. Ја повтори неговата фраза дека „историјата не треба да биде затвор, туку училиште“.

Дописничката на МИА од Атина во прашањето до шефот на грчката дипломатија го искористи терминот „Beautiful Macedonia“, исто како што тоа го сторија Димитров и Коѕијас на почетокот на конференцијата. Министерот за надворешни работи на Грција со насмевка објасни дека тоа е називот што го користи во преговорите и на шега рече дека не е ново име, бидејќи нема географска одредница.

Одговарајќи на новинарско прашање, Коѕијас рече дека не постои временски рок во преговорите. Објасни дека улогата на Нимиц е да посредува, а врз база на одлуките на ОН ќе треба да одговори до Обединетите нации кога земјите ќе го решат името за да има ратификација од ОН.

- Нимиц има негов план од правен характер, што ќе го достави до ОН кога ќе дојде време, а заедно со тоа ние имаме доставено предлог со другата страна, што се однесува на решавање на одредени прашања како што е иредентизмот и за создавање заедничка програма за идна соработка меѓу двете земји, рече Коѕијас на прес-конференцијата и изрази надеж дека „ќе покажеме дека минатото му припаѓа на минатото“.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2018 22:22