Во конкуренција од 1.000 натпреварувачи од 16 земји, членовите на академијата за боречки вештини „За нед до” од Битола, освоија девет златни, четири сребрени и еден бронзен медал на третото Светско првенство за боречки вештини, што викендов се одржа во Сер, Грција.

Дописничката на МИА од Атина поразговара со Златко Неделковски, главниот тренер во академијата „За нед до”, кој вели дека е задоволен од учеството, поминале одлично и сите девет натптеварувачи, на возраст од осум до 16 години, во Македонија се враќаат со медали, некој со еден, некој со два.

- Одлично поминавме. Имавме девет натпреварувачи во повеќе дисциплини, освоивме девет златни медали, четири сребрени и една бронза. Натпреварувачите се на возраст од осум до 16 години и се натпреваруваа во три категории, во кикбокс, самоодбрана и музички форми со оружје. Задоволни сме. Конкуренцијата беше многу голема, околу 1.000 натпреварувачи од 16 земји, вели Неделковски и додава дека овој пат во Грција дошле во помал состав, бидејќи се потрошиле финансиски, поради учеството на балканската лига во Босна и Херцеговина пред месец и половина, каде што академијата учествувала со 23 натпреварувачи и освоила прво место екипно.

Академијата за боречки вештини веќе има искуство во Грција на натпревари и учества на разни првенства. Тренерот Неделковски за МИА вели дека во изминатите две години имаат освоено над 200 медали на натпреварувања во Грција и додава дека приемот од Грците е одличен.

- Премногу убав е приемот во Грција, колегите нѐ сакаат многу. Но, морам да дадам и голема благодарност до првиот секретар во македонскиот конзулат во Солун за поддршката и помошта, вели Неделковски.

Во однос на идните планови, тренерот на „За нед до” вели дека доколку постои финансиска можност, академијата за боречки вештини ќе учествува во октомври на Светско првенство во Атина.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2018 22:03