Процесот на проширување на ЕУ пред се зависи од способноста на земјите кандидатки да ги исполнат условите за членство, но зависи и од способноста на Унијата да се отвори за нови членки. Би било чесно тоа на земјите-кандидатки отворено да им се каже, а не да се молчи за тоа, изјави денеска поранешниот претседател на Словенија Милан Кучан на 13. годишна меѓународна конференција за европски интеграции „Европа и Балканот“ организирана од Американ колеџ.
Според него, оценувањето на достигнувањата на земјите-кандидатки треба да биде објективно и доследно, што досега Унијата не била толку принципиелна во тој поглед.
- Колку ЕУ внатре ќе биде посилна и поинтегрирана, толку ќе биде поспособна да прими нови членки. Стравот од влијанието на исламот или на Русија на просторот на Западен Балкан не може да биде причина за отстапување на доследно исполнување на сите еднакви услови за прием во членство на ЕУ, рече Кучан.
Според него, проширувањето на ЕУ кон земјите од Југоисточна Европа е неминовно и прашање на време е кога ќе биде завршен тој процес.
- За тоа постојат низа политички и геополитички економски, културни, цивилизациски, идентитетски и безбедносно-одбранбени причини. Но постои уште една причина за која ретко се зборува а е една од најбитните, тоа е улогата на ЕУ во светот - по повеќе од половина милениум во кој Европа имаше доминатно влијание врз развојот на светската цивилизација, денес во современиот мултиполарен свет Европа е потисната на маргините на меѓународните процеси, неинтегрирана, и сите значајни меѓународни одлуки се носат со нејзин занемарлив придонес или дури вон нејзиното влијание, смета Кучан.
Позитивното е што на декларативно ниво сите релевантни европски инстиции се изјаснуваат во прилог на проширувањето и го поддржуваат тој процес.
- Очекуваното донесување одлука на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговори со Македонија и преговори со Црна Гора, влеваат одреден оптимизам. Исполнувањето услови за прием во членство е дефинирано како задача на државите кандидатки. На декларативно ниво се е јасно, се зависи од подготвеноста и способноста на кандидатките да ги исполнат условите, рече тој.
Меѓутоа, додаде, одложувањето на овие процеси предизвикува недоверба, пад на мотивацијата па дури и скептицизам во правилност на одлуката за зачленување.
Според него, интересот за заеднички пазар не е доволен, Унијата базирана само на ова долгорочно нема никаква перспектива, туку неопходно е јакнење на самата темелна идеја за интеграција, заедништво и траен мир.
Виктор Димовски, државен секретар во МНР истакна дека проширувањето на ЕУ по подолго време е ставено во приоритетите на Унијата, а доказ за тоа е самитот што во моментов се одржува во Софија ЕУ-Западен Балкан, првпат по 15 години.
- ЕУ првпат стави ориентациона временска рамка - 2025 како можност за кандидатите за прием кои ќе ги исполнат условите, но брзината на движењето на зависи од напредокот на секоја земја одделно, рече Димовски.
Истакна дека пристапувањето во ЕУ е повеќе од технички процес, туку тоа е генерациски избор базиран на споделени вредности.
Штефан Требст, професор по историја на источноевропските култури на Универзитетот во Лајпциг, Германија, македонист и политички научник, се осврна на историјатот на германското влијание во Македонија, како и на развојот на македонско-германските односи.
Истакна дека Германија ја призна независноста на Македонија во 1993 година, кога е започнато и интензивирање на билатералните односи.
- Долги периоди во 20 век имаше јасна перцепција за Македонија во Германија. Таа имаше свои подеми и падови. Ангела Меркел се залага веќе повеќе од една деценија за пристапувањето на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, рече Требст.