На „Виенскиот економски форум“ што денеска се одржува во Софија, српската премиерка Ана Брнабиќ се заложи за унапредување на соработката во регионот, изјавувајќи дека Србија верува оти Македонија и Албанија заслужуваат отворање на пристапни преговори за членство во ЕУ.
- На регионот му е потребен мир и стабилност, а на граѓаните просперитет. Мислиме дека отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија е правилна работа. Тие тоа го заслужуваат. Ние, од друга страна, имаме свои потешкотии во процесот на приближување кон ЕУ, но стоиме зад нашите пријатели и комшии, изјави Брнабиќ.
Таа констатираше дека „политиката ги прави барирерите, а бизнисот ги руши истите. Бизнисмените решаваат, а политичарите понекогаш создаваат проблеми“.
Земјите во регионот, како што посочи, учат една од друга. - Србија е прва по прашањето за издавање на градежни дозволи, а за тоа го искористила искуството на Македонија со електронските дозволи, рече Брнабиќ.
На панелот на „Виенскиот економски форум“ поддршка за евроинтеграциите на Македонија и Албанија добија и од црногорскиот премиер Душко Марковиќ, кој изјави дека „Македонија и Албанија требало да ги почнат преговорите, бидејќи ниту Црна Гора не може да напредува во процесот на преговорите, додека ова не се случи“.
На Форумот на кој учествуваа и премиерите на Македонија Зоран Заев, на Бугарија Бојко Борисов, на Косово Рамуш Харадинај, особено внимание привлече говорот на албанскиот премиер Еди Рама кој не го криеше незадоволството од процесот на евроинтеграциите на земјите на Западен Балкан, кој бил неправеден.
- Се надевам дека нема да ја изгубиме вербата во фантастичниот и невротичен проект и дека нема да ја изгубиме смислата за хумор на тој пат. Ние можеби понекогаш делуваме наивно и глупаво кога зборуваме за Европа. Се чини дека балканската клетва ќе продолжи. Кога тие беа отворени, ние бевме затворени, а сега ние сме отворени, а тие се затворени. Се надевам дека овој регион сепак ќе влезе во тој брак, за кој некои сега во ЕУ велат дека не го сакаат, рече Рама.