Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Србија, предводена од Џејмс Руф и српската Влада не постигнаа договор за нов аранжман, објави белградска „Политика“.
Преговорите се очекува да завршат во јуни, а според неофицијалните информации од "Политика", аранжманот е договорен само во принцип, но од процедурални причини, конечниот договор сега не можел да се постигне.
Главната причина, според "Политика", е тоа што по оставката на Душан Вујовиќ, Србија нема министер за финансии, па Одборот на директори на ММФ не може да одобри програма која стручно е наречена Инструмент за координација на политиката (ПЦИ).
Преговарачите се согласиле за сите други прашања, но на српската Влада и се препорачува да изнајде правен начин за решавање на проблемот со Законот за привремено намалување на пензиите.
Како што објави ТВ Н1, Руф изјавил дека со властите во Србија е постигната согласност околу клучните елементи на новата програма и дека преговорите ќе финализираат кога ќе биде именуван нов министер за финансии.
Според соопштението на канцеларијата на ММФ во Србија, Руф рекол дека по успешното завршување на програмата која е реализирана од 2015 до 2018 година, српската економија продолжува да бележи добри резултати со раст на бруто домашниот производ (БДП).
- Се очекува растот да достигне најмалку 3,5 отсто во 2018 година, поттикнат од потрошувачката, инвестициите и извозот. Со поддршка на соодветна монетарна политика на Народната банка на Србија, инфлацијата е се уште ниска и се очекува да достигне околу два проценти на крајот од годината, оцени Руф.