Патник во градски автобус, кому денес попладне му се слошило, добил прва помош од 13-годишни деца кои го спасиле да не се задуши додека дојде Итната помош. Ова се случило околу 15.30 часот во автобусот број 57 на ЈСП Скопје, на булевар Климент Охридски кај зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“ на трaсата кон Капиштец. Две момчиња и едно девојче, седмооделенци во основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје, враќајќи се од натпревар по прва помош во Црвениот крст, забележале дека на еден од патниците што седел во нивна близина не му е добро и дека се тресе.

„Веднаш му кажавме на возачот да го запре автобусот и други двајца патници му помогнаа да се симне надвор. Но, човекот кога излезе надвор веднаш падна на земја и почна многу посилно да се тресе и да се грчи. Ние излеговме да му помогнеме, а другите патници повикаа брза помош“, вели 13-годишниот Ведран Лауренчиќ.

Неговиот другар Петар Тодоровски вели дека го свртеле човекот во странична положба за да не го голтне јазикот, и му ги отвориле дишните патишта, онака како што учеле на часовите за прва помош.

Откако заминало амбулантното возило и другите патници почнале да им викаат „браво деца“, сфатиле дека она што го вежбале за давање прва помош, всушност го примениле во реалниот живот, вели Мила Кочевска (Фото: СДК.МК)

„Човекот се грчеше околу три-четири минути, а потоа се смири. Веднаш не забележавме дека ја повредил главата кога паднал, но штом видовме дека му тече крв му ставивме преврска од кутијата за прва помош, која денес ја добивме во Црвениот крст, каде освоивме второ место на натпреварот за прва помош. Во тој момент тој сè уште не можеше да зборува. Потоа дојде амбулантното возило и го однесоа човекот“, вели Петар.

Целиот текст можете да го прочитате на Сакам да кажам



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2018 21:07