Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ истакна дека редовно контактира со британскиот тенисер Енди Мареј, кој се очекува да се врати на натпреварите по завршувањето на сезоната на земјена подлога.
Минатата сезона и двајцата ги прекинаа натпреварувањата, српскиот тенисер заради проблеми со лактот, а британскиот заради повреда на колкот.
- Во постојан контакт сме со Енди. И директно и преку неговиот брат. Неодамна разговаравме, бидејќи и двајцата сме во Советот на играчи, и имавме состанок, истакна српскиот тенисер.
Ѓоковиќ оваа сезона се врати на натпреварите, додека Мареј по операцијата во јануари го продолжи периодот на закрепнување.
- Тој сега има две деца, нештата дома му се сосема понакви. Навистина го разбирам. Можам да замислам колку му е тешко, особено поради ситуацијата со повредата. Сум бил во слична таква ситуација, иако нему му е потребно повеќе време да закрепне. Се надевам дека ќе го видам на турнирите на трева, бидејќи тоа е местото на кое тој сака да се врати, наведе Ѓоковиќ.
Мареј најави враќање на турнирот во Холандија, додека српскиот тенисер денеска се пласираше во четвртото коло на „Ролан Гарос“, откако во маратонски натпревар по четири сета го совлада шпанскиот тенисер Робертo Баутиста Агут.