На градскиот плоштад во Тетово во рамките на граѓанската прослава Македонија во НАТО и ЕУ под мотото „Одиме напред“ настапија пејачките Биг Мама, Дани Димитровска, рок составот од Тетово Хај контрол (High control) и пејачот Шпат Касапи.
На граѓанската прослава во Тетово присуствуваа и вицепремиерот за дијаспора Едмонд Адеми и заменик министрот за одбрана Беким Максути.
- Тетово е еден од петнаесте града во Македонија каде попладнево и вечерва се прославува поканата за членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ следната година и сакавме заеднички со граѓаните да го споделиме овој успех. Ова е исполнување на сонот на многу генерации како во Република Македонија, но и на тие што живеат надвор од државата бидејќи ова е голем исчекор за Македонија со што се враќаме на голема врата на меѓународно поле што пак значи и потреба за внатрешен економски развој и длабоки реформи во сите сфери во државата, рече вицепремиерот Адеми.
Според Максути ова е можност сите граѓани на Република Македонија без разлика на националност, вера или политичка припадност да прославуваат бидејќи сите заслужуваат да прославуваат.
- Ова е исполнување на соновите или желбите уште од осамостојувањето на државата на стратешката цел за членство во НАТО и ЕУ. Иако во 2008 година изгледаше дека сме само на чекор од тоа поради немањето консензус останавме надвор, а уште потешко двете други земји со кои бевме заедно во целиот процес, Хрватска и Албанија, беа примени за полноправно членство во НАТО. Морам да кажам дека војниците, старшините и сите од Министерството за одбрана цело време беа на висината од задачата и исполнувањето на критериумите за членство во НАТО, но поради политичкиот застој изгубивме 10 години. Ова е голем ден за нашата држава и сите граѓани затоа што трудот на сите конечно се исплати и добивме покана за полноправно членство во НАТО, рече заманик министерот за одбрана Максути.