Со помош на волонтери повторно е ставена во функција штипската Саат кула. Директорот на Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град – Штип, Митко Штерјов вели дека очигледно на штипјани им недостасуваше отчукувањето на саатот од кулата и затоа успееја во својот ентузијстички подвиг. Според него, за повторно да го добие стариот лик, потребни се средства за нејзина реконструкција и конзервација.
- Ние како национална установа го имаме основниот проект за реконструкција на Саат кулата. Според пресметките треба да чини околу 50.000 евра, вели Штерјов.
Тој додава дека согласно проектот на овој споменик на културата предвидена е реконструкција на кровот, потоа внатрешно уредување на кулата, каде што може да има и изложбен салон, како и партерно уредување околу кулата. Штерјов вели дека ја имаат комплетната документација, а го повика и бизнис секторот да донира и да се започне со реконструкцијата и конзервацијата на овој познат белег на градот Штип.
Според пишаните документи штипската Саат кула, која се наоѓа во центарот на градот датира од 1650 година, а ја изградил турски бег и затоа е позната и како Бегова кула.