Привршуваат проценките на штетите од невремето што минатата недела зафати повеќе региони низ Македонија. Поројниот дожд и врнежите град, според првичниот увид на терен, најмногу ги погодија градинарските култури, житата, тутунот и јаболката.
Додека некои од земјоделците ги проценуваат штетите на над десет илјади евра и велат дека е крајно време да се размислува за осигурување на посевите, ресорното Министерство најавува поедноставување и забрзување на постапките за обесштетување.
Невремето во Струмичко удри по „ајварката“
Наврнатите 34 литри дожд на еден метар квадратен и силниот ветер проследен со град во Струмичкиот регион предизвикаа штети на посевите на отворено, а најмногу настрада пиперката „ајварка“ од сортата „куртовска капија“, која во последно време се одгледува под пластеници.
Земјоделците од селото Муртино, кое беше најпогодено од силното невреме, велат дека првичните штети се големи и засега се пресметуваат во повеќе илјади евра.
Еден од најпознатите производители од селото Муртино, Данаил Паланков, вели дека од невремето целосно му се уништени пластениците засадени со „ајварка“.
- Едниот пластеник со површина од три декари целосно ми е под вода, а на вториот, со површина од 2,5 декари, целосно е уништен најлонот, а потоа градот ја довршил работата. Според моите првични проценки штетата изнесува најмалку пет илјади евра. Станува збор за веќе стасано производство и ако на тоа се додаде илјада евра за сеење и подготовка на површините, штетата воопшто не е мала, објаснува Паланков.
Тој се подготвува да поднесе документи за проценка на штетата до надлежните комисии, но претходно, како што истакнува, треба да ги одјави површините за добивање субвенции, бидејќи така предвидува законот.
И младиот земјоделец од Муртино, дваесет и едногодишниот Живко Котев, вели дека штетите на неговите посеви се големи. Неговите површини засадени со „ајварка“ од сортата „куртовска капија“ на отворено, скоро му се уништени, а станува збор за 10 декари.
- Имам засадено и 39 пластеници со пиперка. Од нив на 29 имам штета. Најлонот е искинат и откорнат од држачите на пластениците и потоа пиперката е погодена од градот. Штетата ја проценувам на над десет илјади евра. Нема на кого да се лутам, бидејќи земјоделството е фабрика на отворено, вели Котев.
Се надева дека посетата на министерот Николовски ќе даде резултат и дека владата правилно ќе им ја надомести штетата.
Според првичните информации од Општинската комисија за проценка на штети, во Струмичко досега се подигнати над 300 обрасци за пријавување и во текот на наредните денови ќе се знае точната бројка на оштетени земјоделци и колкави се штетите.
Уништени посеви и во Могила
Земјоделци од селата Вашарејца, Чарлија, Беранци, Долно Српци, Ивањевци, но и од Радобор и Могила, деновиве бледо, немо гледаат врз своите ниви и скршените земјоделски култури кои неодамна беа уништени во силно навреме што го зафати подрачјето на општина Могила.
Маката ќе мине, вели Љупчо Зајаковски, земјоделец од Долно Српци, но вложениот труд, љубовата со која пристапуваме кон секоја земјоделска култура за подобро да никне, да биде плодородна и бујна, не може да мине.
- Грев е да ги гледате вака осакатени земјоделските површини, кои само до пред некој ден беа полни со домати, пиперки, бостан.... За жал, ништо од полни со сок лубеници за летно освежување. Голема штета е направена врз посевите со жито, а посебно е уништен тутунот кој беше во фаза на развивање, нема тутунов лист, што значи ќе нема што да се собере. Вложивме средства. Се што беше потребно направивме, но еве за неколку минути се се уништи, нагласува Зајаковски.
Општинските власти во Могила брзо реагираа, констатираа елементарна непогода и материјални штети врз земјоделските култури, предизвикани од силен дожд и град. Со одлука на општинскиот Совет на терен во секое село и во секоја нива влегуваат членови на комисија за процена и утврдување на висината на предизвиканата штета.
- Невремето најнапред ги погоди атарите на селата Могила и Радобор и тогаш регистриравме 188 барања за проценка на предизвикана штета, а подоцна се случи уште поголемо невреме кое ги зафати селата Долно Српци, Беранци, Чарлија, Ивањевци и Вашарејца. Земјоделците пријавуваат целосно уништени градинарски култури, пиперки, домати, но и уништен род пченица. Само во првите два дена се регистрирани над 70 пријави, потврдуваат од општина Могила.
До 100 отсто оштетени јаболката во Јанковец
Оваа сезона насадите со јаболка во Преспанско трипати беа погодени од град: во мај, потоа во втората половина на јуни и сега, минатата недела, уште еднаш.
Овоштарите сметаат дека за да се утврди реално колкави се штетите, треба да поминат една до две недели, а температурата да биде над 18 степени.
- Во овој регион има околу 4.500 хектари јаболка од кои скоро 30 проценти беа погодени од град. Силно невреме имаше и минатата недела, а ги зафати селата Јанковец, Златари и Сопотско. Во Јанковец се 100 проценти оштетени насадите, а во Сопотско 70-80 отсто, вели претседателот на Здружението на овоштари во Преспа Љубе Пампулевски.
Според него, овошките се повеќегодишни култури кои родните папки за следната година ги формираат во јули. Поради тоа, градот што ја зафати Преспа минатата недела, ќе има големи последици на родот 2019.
Брза реакција на надлежните
Освен во земјоделството, минатонеделното невреме предизвика и материјални штети, на објекти и приватни имоти.
Надлежните веднаш реагираа, излегоа да ги согледаат состојбите, а во Струмичко, меѓу производителите, ден по обилните врнежи беше и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Не се алармантни штетите од невремето што го зафатија струмичкиот регион зашто поголемиот дел од производството е под фолии и заштитено, оцени Николовски, дополнувајќи дека, сепак, за да се прецизираат штетите, мора да се почекаат проценките и анализите од терен.
- Погодено е производството на нивите, но не очекуваме тоа да се одрази врз вкупната продукција и извозот со оглед дека досега имавме добра година, истакна министерот.