Со трки во трчање и велосипедизам од Тетово до Попова Шапка денеска со старт од плоштадот во Тетово ќе се одржи првото издание на предизвикот на Шар Планина, „Sharra Challenge 2018“, во организација на здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“.

Во програмата на настанот застапени се трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и пикник на целта на Попова Шапка. Патеката за трчање е во должина од 10 километри и од Тетово минува покрај селата Гајре и Лисец до целта на Попова Шапка. Патеката за планински велосипеди е долга 20 километри и од Тетово минува покрај селата Шипковица и Лисец до целта на Попова Шапка, додека друмските велосипеди ќе возат по асфалтниот пат до целта. На сите три патеки ќе се совлада висинска разлика од околу 1.200 метри.

Според организаторите, трките претставуваат континуитет на веќе добро познатите натпревари Прв до врв на Водно во Скопје, но овој пат со поголем предизвик во целите кои ќе преба да ги совладаат учесниците, во поглед на должините на патеките и висинската разлика.

По завршувањето на трките предвидена музичка програма и церемонија на прогласување на победниците, на кој освен учесниците поканети се сите оние кои сакаат да бидат дел од еден ваков хепенинг во познатиот туристички центар. За најдобрите е обезбеден паричен награден фонд во вкупен износ од 186.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/07/2018 17:11