Во паркот кај Основниот суд во Прилеп денеска е откриено спомен-обележје на Ненад Серафимоски, припадник на Единицата за специјални задачи тигар кој загина во крвавите настани во Диво Насеље пред три години.
Серафимоски е од Зубовце, Гостиварско, но по потекло од Прилеп и токму затоа неговото семејство побара, а прилепскиот совет одобри, да му биде подигнато спомен-обележје кое го подигна неговото семејство.
Откривањето на споменикот беше во присуство на најблиските на Серафимоски, колегите од МВР, претставници на прилепската локална самоуправа предводиени од градоначалникот Илија Јованоски, здруженија на бранителите, и граѓаните и политичките партии.
Мариче Јованоска, роднина на Серафимоски истакна дека семејството се уште не може да се помири со ненадометсливата загуба, но е гордо што е подигнато спомен обележјето.
-Бевме многу повредени од она што се случи кога Ненад загина во Диво Насеље. Сакавме да го посетуваме, барен неговиот лик на спомен обележје, овде во Прилеп. По својата мајка, Ненад е по потекло од Прилеп и половината роднини му се во Прилеп. Благодарни и сме на прилепската локална самоуправа што е поставено спомен обележјето во кругот на паркот и барем на таков начин ќе можеме да го посетуваме, рече Мариче Јованоска.
Република Македонија, мирот и спокојот на нејзините граѓани ги чуваат бранителите, нејзините херои и патриоти. Нивните имиња се врежани во колективната меморија на македонскиот народ, рече во обраќањето претставник на Единицата за специјални задачи - тигар.
- Ликот и делото на Ненад, како припадник на единицата за специјални задачи - тигар остануваат засекогаш во најдобри сеќавања. Ги имавме привилегијата и можноста да го познаваме, да бидеме дел од неговиот живот, да соработуваме со него и заеднички да споделуваме радост и тага. Пред три години загубивме осум колеги, врвни професионалци. Загубата е ненадминлива, но остануваат сеќавањата за нивните дела по кои ќе ги паметиме. Меѓу нив беше и Ненад. Имаше само 27 години. Нинад ги направи најголемата жртва и почест - загина во исполнување на службена должност, во одбрана на татковината и во зачувувањето на нејзиниот интегритет. Ние ќе продолжиме по патот по кој тој чекореше - сигурно, достојно и чесно и секогаш со највисок степен на професионално извршување на работните задачи, нагласи припадникот на единицата за специјални задачи при МВР.
Адвокатот Жарко Стеваноски кој е застапник на четири семејства на загинатите вели дека ова спомен обележје е симбол за безбедносните сили, а семејствата имаат иницирано постапка до МВР за утвдување одговорност.
-Спомен-обележјето за Ненад во Прилеп е и симбол на пожртвуваноста на припадниците на нашите безбедносни сили во одбрана на државата. и не е случајно во паркот каде секојдневно се децата со родителите како потсетник за тоа дека родителите знаат како да ја бранат иднината на сопствените деца. До претставниците на МВР одамна имаме иницирано постапка во која, преку внатрешна ревизија бараме да се утврди одговорност на структурите на МВР, а семејствата се надеваат дека постапката ќе заврши во полза на отривање на вистината за настаните од Диво Насеље. Инаку, процесот за Диво насеље е во фаза на жалба до Апелкациониот суд во Скопје. Се надеваме дека по летните одмори ќе има и конкретна пресуда, односно потврда на првостепената пресуда за вината на сторителите на овој крвав настан. Сите се уште ја издржуваат мерката притвор, изјави Стеваноски.