Три гостиварски компании имаат можност за добивање на сертификатот „Фер со потрошувачот“ со што би стекнале поголема доверба кај купувачите и би станале препознатливи на пазарот. Претставници на бизнис секторот од гостиварскиот регион на викендов на семинар се запознаа со условите за добивање на овој сертификат заснован на стандардот ИСО 26000.

Пред претставници од дваесетина мали и средни фирми од општините Гостивар и Врапчиште беше појаснето значењето и продобивките од сертификатот „Фер со потрошувачот", како и условите за негово добивање.

Семинарот е дел од активностите на проектот „Зголемување на соработката помеѓу граѓанското општество и бизнис секторот", што на гостиварското подрачје го спроведува Центарот за женски права ЕТИКА во партнерство со Агенцијата за поддршка на претприемништвото ЕСА.

На гостиварските бизнисмени им беше предочено дека поседувањето на ваков сертификат е потврда дека фирмата работи професионално и е конкурентна во однос на услугите што ги пружа. При работењето, таа се грижи за заштита на правата на потрошувачите и доколку настане проблем тој ќе се реши спогодбено, во интерес на двете страни.

- Конкретна корист за претпријатијата е дека ќе им се зголеми бројот на потрошувачи, ќе станат барани фирми, ќе им се намалат поплаките, жалбите кои често одземаат и многу време и пари. За потрошувачите предност е што однапред ќе знаат што купуваат во однос на квалитет на производот, услугата и слично", рече Ристо Иванов, проектен менаџер.

Според најавите четириесетина 30 фирми во земјава треба да се стекнат со овој сертификат, од кои три ќе бидат од гостиварскиот регион. Спроведувањето на овој проект е со финасиска поддршка на Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 10:42