Во охридското село Скребатно синоќа беше отворена 12. Смотра на Сојузот на извидници на Македонија.

Пред повеќе од 1.200-те издвидници, гости и партнери од 17 земји од целиот свет се обратија претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија Џес Бејли, конзулот на Република Франција во Македонија Ерик Пенже и бригадниот генерал на АРМ Орце Јордев.

Извидничката смотра ќе се одржува до 22 јули, на повеќе локации во атарот на Скребатно, а согласно програмата годинава извидниците ќе имаат можност да ги испробаат и надградат своите вештини на шест локации, во 100 таканаречени работилници поделени во четири клучни области: извиднички вештини, природа и авантура, забава и предизвици и култура и традиција.

Дел од манифестацијата ќе биде и SDG (Sustainable Development Goals) селото, односно т.н. село каде извидниците ќе се запознаат со целите за одржлив развој на Обединетите нации, како би научиле на кој начин и каде можат да придонесат за создавање подобар, поздрав и поодржлив свет за сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 11:49