Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека нема официјално известување од Косово за воведување заштитни царини за прехранбени земјоделски производи. Во случај на официјално известување, како што налага ЦЕФТА договорот, Владата ќе заземе став за евентуалните мерки со кои би одговорила.
- Во Министерството за економија до денеска немаме добиено никакво писмо дека ќе воведат вакви мерки, но во случај ако воведат ќе ги разгледаме заедно со Царината, Министерството за земјоделство и ќе заземеме став како Влада на РМ, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.
Министерот Бектеши потсети дека поради нашето и членството во ЦЕФТА на Косово во рамки на договорот секоја држава кога воведува некакви мерки треба да ги најави предвреме.
- Немаме никаква најава и не сме добиле ништо написмено. Кога ќе добиеме, ако добиеме, ќе ги разгледаме, рече Бектеши, посочувајќи дека во случај на такво нешто за да се одговори реципрочно ќе се направат анализи и ќе се одлучи за мерките.
Според одлуката на косовската Влада, што ја објави вчера министерот за трговија и индустрија Бајрам Хасани, од задутре сите видови овошје и зеленчук, кои влегуваат во Косово од други земји, како привремена мерка ќе плаќаат 30 отсто повисока царина од досегашната.
Како што рече Хасани, мерката се презема „по широка анализа и консултации со домашните производители, согласно Законот за заштитни мерки во увозот, при што се испитани сите видови овошје од цел свет“.
На листата на земјоделски производи, кои ќе подлежат на привремените царински мерки, се најдоа: компирот, доматот, пиперката, краставицата, лубеницата, дињата, раната (пролетна) зелка, доцната (есенска) зелка, салатата (во сите варијанти), спанаќот, кромидот, морковот, монокултурниот грав, јаболкото, крушата, сливата, црешата, јаготката, малината, капината и пченката.