Преку 200 илајди посетители од земјава и странство присуствуваа на четирите фестивалски дена на 16-иот „Пивофест“, кој синоќа заврши во Прилеп со огномет и настап на Шабан Шаулиќ.

Ова денеска го соопштија организаторите кои резимираа дека Фестивалот помина во весела атмосфера и без инциденти.

Според Дарко Манасиески од фирмата „Енфинити“, фестивалот бил најпосетен за време на викендот.

- Само во саботата и неделата имаме евиденција дека дојдоа преку 100 илјади гости и туристи. Не знам како било досега, но ова е многу пристојна посетеност. Првпат се јавуваме како организатори, не беше лесно, голема беше одговорноста и се надевам дека одговоривме на сите предизвици. Дури и при синоќешното невреме за брзо се „прегрупиравме“ со програмата и излегоа сите изведувачи, а уверен сум дека посетителите, кои ги имаше во најголем број, уживаа во фестивалската атмосфера, рече Манасиески.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, Фестивалот помина во добра организација, безбедно и весело.

- Задоволен сум од организацијата и од реализацијата на годинашниов „Пивофест“. Имавме четири дена одлична забава на која се забавуваа сите посетители и гости, одлична атмосфера, без сериозни инциденти, хигиената на високо ниво. Сите јавни претпријатија одлично си ја завршија работатата, дури и синоќешното невреме околу 21-22 часот не ги поколеба посетителите, ниту прилепчани да излезат и да продолжат да се забавуваат на Фестивалот, рече Јованоски.

Општината го финансираше „Пивофест“ со 2,5 милиона денари, главно за хонорари на изведувачите.

- Тони Зен за настапот доби 154.250 денари, Александра Јанева - 43. 150 денари, „Фортисимо фенд“ доби 30.850 денари, на „Некст тајм“ му се исплатени 154.250 денари, „Црвена јабука“ - 370.200 денари, Дарио -215.950 денари, Бени и „Нон стоп“ добија 184.500 денари. Хонорарите за настапите на Жељко Јоксимовиќ и на Шабан Шаулиќ ги покрија пиварниците и станува збор за деловна тајна, објасни Јованоски.

Уште сега се размислува за новото фестивалско издание догодина.

- Иако имаше најави Фестивалот да се дислоцира, по неформалната анкета со граѓани и учесници, преку 65 отсто се изјаснија за истата локација и истиот начин на реализација на Фестивалот. Уште од денес ќе размислуваме за новото 17 издание на „Пивофест“. Се уште постојат различни мислења за промена на локацијата, начинот на реализацијата. Имаме време да се обмисли целиот концепт на задоволство и на учесниците и на посетителите и гостите, вели Јованоски.

Свои идеи, доклку бидат пак организатори, имаат од фирмата „Енфинити“.

- Доколку сме организатори и в година, ќе влеземе со нови идеи да го збогатиме фестивалот-да се зголемат површините што ќе бидат опофатени со манифестацијата, да се додадат културни содржини - театар, уметност, изработка на накит, да не биде само со нитката „панаѓурски“, рече Манасиески.

Во центарот на Прилеп денека се демонтираат штандовите од булеварот „Гоце Делчев“. Треба до вечер да се воспостави вообичаениот сообраќаен режим, а јавните комунални претпријатија да направат последно чистење на површините каде се одвиваше годинашниов „Пивофест“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2018 15:26