Осумдесетина млади од Белгија, Косово и Македонија во изминатите десеттина денови прилагодија дел од просторот спроти автобуската станица во мини скејт парк со клупи, шаховски табли и цртежи.
- Во оваа акција за урбана промена на запоставените јавни површини беа вклучени 45 млади од Белгија и 15 од Косово, а на нив им се придружија и дваесеттина волонтери од Тетово. Покрај изградбата на скејт паркот и можностите за другите социо-културолошки активности преуредивме и дел од поранешниот објект на Радио Тетово каде исто така ќе може да се организираат разни активности. Со ова, сакаме да покажеме дека со доброволна работа сите можеме да придонесеме за подобрување на заедницата и збогатување на понудата за забава, култура и слично во местото каде живееме, изјави Сефер Селими од невладината „Демокраци лаб“ од Тетово.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи посочи дека како локална власт одговориле позитивно на оваа инцијатива и најави дека општината ќе помогне во доуредување на просторот кај автобуската станица.
- Јавното комунално претпријатие од Тетово во наредните денови ќе го заврши средувањето на просторот околу овој скејт парк каде ќе постави осветлување и ќе се среди околината, а ќе се работи и во продолжение на овој простор до делот наменет за продажба на големо за сезонски земјоделски производи, изјави Арифи.
Очекувањата на локалната власт се дека со ангажирана работа до крајот на месецот целиот простор, што досега беше запустен, ќе биде подготвен за разни спортски, културни и други активности на жителите на Тетово.