Домашната работа во Македонија и понатаму е невидлива. Лесно се врши дискриминација во однос на условите за работа, но се кршат и човековите права.
Станува збор за бебиситерки, негувателки на постари лица или со посебни потреби, шивачки, домашни помошнички, работници што цепат дрва или одржуваат градини, за кои нема никаква евиденција, не се знае ниту нивниот точен број во државата и тие практично се дел од сивата економија.
Со цел да се утврди точниот број на домашните работници, но и да добијат повеќе информации и за нивните права и да влезат во системот Невладините организации „Достоинствен работник“ од Прилеп и „Гласен Текстилец“-Штип почнаа со реализација на проектот, кој е поддржан од Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ).
Рубинчо Аризанковски од Здружението „Достоинствен работник“-Прилеп на денешната прес-конференција истакна дека целта е домашните работници да бидат рамноправни со останатите работници и да се искористи европската легислатива за нивното влегување во системот.
- Ние тоа сакаме да го пресликаме во Република Македонија, значи да го иницираме со документот за јавна политика, кој ќе даде препорака дека и кај нас треба да се оформи Агенција за давање услуги, но и Министерството за труд и социјална пиолитика да биде по транспарентно во тој дел, вели Аризанковски.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ истакна дека двете невладини организации ќе го спроведат првото истражување за бројот на т.н домашни работници. Прво во овие два града, а потоа и во останите градови од државата. Во земјите во развој овие работници опфаќаат од четири до 12 проценти од платеното вработување. Околу 83 проценти од нив се жени или девојки. Цел е тие да добијат легални агенции кои ќе им ги гарантираат сите права како и на работниците од останатите сектори.
Во Македонија неофицијалната бројка домашни работници кои се влезени во евиденција во Агенцијата за привремени вработувања се движи околу 500 до 600 лица, но се претпоставува дека нивниот број е најмалку тројно поголем и останатите работат „на црно“, односно непријавени. - Стопанската комора на Македонија и УЈП преземаат чекори за превенирање и сузбивање на сивата економија и ако видиме дека овие работници не се во системот, тогаш точно е дека имаме сива економија, рече Аризанковски.
Од Здруженијата што го спроведуваат проектот очекуваат дека ќе се вклучи и Министерството за труд и социјална политика и ќе се обезбедат посебни мерки за заштита на овие работници, кои се изложени на дополнителни ризици и тие конечно да се вклучат во системот и да добијат рамноправен статус.