Сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, условите на патиштата и воопшто безбедно и одговорно да возат без употреба на алкохол и мобилни телефони, како најчести предизвикувачи на сообраќајни незгоди.

Овие заклучоци произлегоа од стручната работилница што се одржа во Струмица во организација на Републичкот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, СВР-Струмица и Општина Струмица.

На работилницата учествуваа и претставници на училиштата, здруженија на граѓани и јавни претпријатија.

Во разговорот посебно се акцентираше појавата на уништување на сообраќајните знаци и другата патна сигнализација, посебно на местата каде постои одредена забрана. Беше потенцирана и опасноста од зголемениот број ноќни трки и бучава на моторите низ главните булевари во градот, движење на мотори низ пешачката зона на плоштадот, намалената безбедност на пешаците и велосипедистите и други актуелни појави.

На крајот од работилницата беа донесени одредени заклучоци, кои се однесуваат на унапредување на соработката помеѓу надлежните субјекти, размена на ставови, мислења и практични искуства за предлог мерки и активности за побезбеден сообраќај на локално ниво.

За училиштата, пак, беше посебно нагласено дека е потребно да се воведат наставни програми од областа на безбедноста во сообраќајот како и да се организираат сообраќајни единици-тимови од ученици за обезбедување на пешачката зона пред училиштата.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 15:27