На институции и поединци и стопански субјекти кои имааа значаен придонес во организацијата и одвивањето на големата летна манифестација „Пивофест 2018“ денеска општина Прилеп им додели благодарници.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски меѓу другите им додели благодарници и на СВР Битола, ПС Прилеп, Територијалната противпожарна единица, на Службата за Итна медицинска помош, на ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Водовод и канализација“, Центарот за управување со кризи, на Центарот за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, на општинскиот инспекторат и стопански субјекти кои го спонзираа овој туристички настан.

Според Јованоски, организацијата на „Пивофест“ поминала одлично, благодарејќи на повеќе институции.

- Манифестацијата успеа да го достигне врвот во добрата организација. Тоа е голема обврска, за наредниот „Пивофест 2019“, да биде уште подобро осмислен и организиран, како во поглед на нови содржини, така и во атрактивноста и ексклузивитетот на музичките имиња, рече Јованоски.

Локалните власти во Прилеп оценуваат дека „Пивофест“ не е повеќе само бренд на градот, туку и на целата земја. Тоа се потврдува преку присуството на голем број странски гости и на иселениците кои секоја година својот одмор го планираат токму за овој настан. Добар дел од нив се сместуваат во Паркот на револуцијата, каде владее авантуристичкиот дух на кампувањето.

Оваа година, 16-то издание на „Пивофест“, го посетија над 200.000 граѓани од Македонија и од странство, а најголема посетеност беше регистрирана во деновите за викендот, кога во градот влегле околу 8.000 возила.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 16:22