Офицерскиот дом во Битола секогаш бил мотив и инспирација за многу хроничари, аналитичари, историчари, поети и писатели, новинари и фоторепортери. Битолчани на „битолски“, често на шега велат „да знае да збора Офицерски, кој знае шо ќе каже!?“. А, така и е, затоа што богата е историјата на овој репрезентативен објект, палата, непроценливо архитектонско здание, старо повеќе од еден век, со многу сопствеништва, а во еден период дури и во сопственост на Министерството за морнарица.
Хронологија на сопствеништво во периодот до независна Македонија
Истражувањата на авторот потврдуваат дека темелите на Офицерскиот дом во Битола се поставени во 1909 година, а не како што најчесто се посочува на 1911 година. Ваквиот податок доаѓа од досега необјавена фотографија која својот ексклузивитет го добива во оваа сторија, обезбедена од депото на Битолскиот историски Архив каде се наоѓа фотоархивата од творештвото на Милтон Манаки. Токму, Манаки во 1909 година ја сликал и овековечува свеченоста за време на поставување на темелите на Офицерскиот дом, и според обичаите „Давање Курбан“ од страна на Абдул Керим Паша, ктитор на објектот.
Офицерскиот дом има визба, приземје, кат и галерија, а за ликот на објектот најголемо влијание имале архитекти од Австрија и Италија кои граделе со поддршка на познати мајстори од селото Смилево. Зградата на Офицерскиот дом е поставена на површина од над 600 квадратни метри и ја опкружува прекрасен парк која денес се именува како двор со површина од 18.532 метри квадратни. Според тогашниот план во непосредна близина на Офицерскиот дом што се наоѓа на Широк Сокак, во првите децении на 20. век се гради подофицерски дом, а во исто време на северната страна изградена е чешма која иако денес е запоставена, обрасната со треви и унаказена со недолични графити, сепак пркоси со својата архитектонска вредност во исчекување да протече ладна пелистерска вода.
Според хронологијата на сопствеништво до независноста на Република Македонија, Офицерскиот дом во Битола често ги менува сопствениците и името. Во 1932 година Офицерскиот дом е впишан како имот на Министерството за морнарица, а во 1972 година преминува во сопственост на Државната служба за народна одбрана, односно ДСНО-Белград. Во 1976 година се врши промена на дејноста со можност за реализација на културни дејности, а сопственик станува Секретаријатот за народна одбрана во Белград. На 5 декември 1977 година Завод за заштита на споменците на културата, природните реткости и музеј – Битола носи Решение со кое се утврдува својството на споменик на културата на Домот на ЈНА во Битола. Во тој период високите воени функционери, офицери...организирале забави, од тоа време датира и познатиот „Син Бал“, но и други културно забавни настани за „привилегираните“ кои биле чести гости во Офицерски.
Хронологија на сопствеништво и акти за заштита во независна Македонија
Во периодот на независноста на Република Македонија, се донесуваат повеќе одлуки, кои анализирани од денешен аспект не донесоа ниту нормативна ниту квалитативна вредност, па објектот освен што не е заштитен туку и дополнително оштетен. Сите одлуки имаат заеднички именител, односно периодични промени на сопственоста и целосна негрижа кон објектот. За жал пред извесно време целосно беше уништен и скапоцениот лустер во свечената сала послана со редок паркет. Инаку, првиот официјален документ поврзан со сопствеништвото и заштитата на Офицерскиот дом во Битола или само Офицерски, се донесува во 1993 година кога објектот се заведува како Државна сопственост на Република Македонија, а корисник Министерство за одбрана, подрачна единица во Битола. Во месец мај 2004 година, со владина одлука се потврдува дека корисник на објектот е Министерството за одбрана, во јануари 2005 година по предлог на Министерството за култура со нова одлука и врз основа на Договор за пренесување на правото на користење, се врши промена на корисникот и на местото на Министерството за одбрана се впишува Националната установа Центар за култура-Битола. Во март 2006 година, со одлука на Владата за закуп на недвижни ствари со непосредна спогодба, Домот на АРМ е даден во закуп на Друштвото за спорт и рекреација С.Р.С. од Скопје со услов за користење во научни, културни и образовни потреби и за изведување научни, културни и образовни проекти од интерес на Република Македонија, со обврска за преземање на 15 вработени лица од НУ Центар за култура-Битола. Но, веќе наредната година, Друштвото за спорт и рекреација С.Р.С. од Скопје доставува барање до Министерството за култура за раскинување на Договорот за закуп и враќање на работниците кои ги презел од НУ Центар за култура-Битола. Во 2008 година Офицерски дом е повторно вратен на користење на НУ Центар за култура-Битола, а наредната 2009 година општина Битола доставува барање до Министерството за култура со иницијатива за отстапување на Домот на АРМ во Битола со цел да биде Куќа на културата, отворена за културните манифестации и настани од општествено значење. Во 2013 година со одлука на Владата на Република Македонија, Офицерскиот дом повторно се става во функција на општина Битола како корисник, а паркот се внесува како двор. Во меѓувреме, владината одлука со нова одлука престанува да важи, а на 15 март 2016 година, повторно со одлука на Владата на Република Македонија, објектот се дава во сопственост на општина Битола. Таа одлука важи и денес.
Конзерваторско одобрение за Офицерски Дом
Деновиве, Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија, даде конзерваторско одобрение со што конечно и непречено ќе може да се врши обнова на Офицерскиот Дом. Со ваквата одлука исполнети се барањата на новите локални власти за враќање на сјајот на овој велелепен објект во функција на зголемена туристичка понуда на градот. Овој архитектонски бисер треба да биде реконструиран и пуштен во употреба наредната година за што се обезбедени 10 милиони денари од македонската Влада, 10 милиони денари од локалната самоуправа, а се очекуваат и средства од програмата ИПА-2, фонд на Европската Унија.
Марјан Танушевски