Петнаесетина настани од различни жанрови, музички перформанси, концерти, филмски проекции, уметнички изложби, фолкорен и рок фестивал, се само дел од богатата програма на „Кривопаланечко културно лето 2018".
Организатор е локалната самоуправа на општина Крива Паланка, во соработка со Национална установа Центар за култура, Локална установа Градски музеј Крива Паланка, со поддршка од Министерство за култура и „Булмак".
- Годинашната летна културна програма отпочна на стартот на месец јули, со Осоговската староградска вечер, продолжи со проекција на филм на летна сцена, народна средба на Голеш, а до крајот на август имаме неколку големи традиционални манифестации, рок фестивалот Џојфест, на 25-ти август, со настапот на „Рибја Чорба" , концерт на Јелена Томашевиќ и Интернационален фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски", истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Репертоарот настани, како што рече тој, нуди богата програма со настап на бројни уметници, различни видови перформанси и настапи на отворените летни сцени на разни локации од градот, на плоштадите, платото пред музејот, во градскиот парк, за да можат сите граѓани од општината, од сите возрасти, но и бројните туристи да ги проследат настаните и да имаат забавно и исполнето лето.
Градскиот музеј е еден од коорганизаторите на Кривопаланечкото културно лето 2018, а вечерва токму во градската уметничка галерија на Музејот ќе биде отворена првата самостојна изложба на слики, 20 години ретроспектива на творештвото на Игор Додевски.
- ЛУ Градски музеј е коорганизатор на културното лето во градот. Вечерва од 20 часот ја отвораме првата самостојна изложба на Игор Додевски, сликар од Крива Паланка, за која веќе е испечатен и каталог. На 11 август во музејот ќе биде организиран настанот „Уметности и музика“ кој што претставува концептуален настан кој музејот го организира во соработка со „Центарот за аудио визуелни уметности“ од Крива Паланка. Во рамките на настанот ќе биде организирана изложба на младата академска сликарка Сандра Котевска од Битола, додека на платото пред музејот ќе биде организиран концерт на битолскиот бенд „Guess Who“, информира Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
Програмата на „Кривопаланечко културно лето 2018" ќе биде заокружена со настаните посветени на чествувањето на Св.Јоалим Осоговски - патронот, светец закрилник на градот - литија во чест на Св.Јоаким Осоговски, од храмот Св.Димитриј до црква Св.Богојавление, пред општинската зграда, на 28 август, кога на градскиот стадион ќе се одржи и прослава по повод Денот на рударите, додека 29-ти август ќе биде посветен на чествување на празникот на градот - Денот на Св.Јоаким Осоговски.