Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и Центарот за социјални работи Куманово, СОС Детско село денеска ја промовираа кампањата „На секое дете му треба му треба семејство“ која има за цел да ги поттикне граѓаните да згрижат деца без родителска грижа и да им понудат родителска грижа и среќно детство. Кампањата го промовира семејното згрижување наспроти институционалното згрижување.

Шпреса Саиди од МТСП, потенцираше дека кампањата има за цел да им обезбеди на децата услови за живеење, да се обезбеди средина која е најблиску до природната семејна средина.

- Овие деца, за жал, без нивна вина останале без соодветна грижа од нивните родители. На овие деца им е потребна заштита, од љубов и грижа, рече Саиди.

Институциите, вели таа, не се најдобра форма за растење на децата, туку треба да растат во семејно опкружување.

Од МТСП посочуваат дека имајќи ги во предвид околностите во кои децата се сместени во установите преземаат чекори за надминување на состојбата. До 2020 година е предвидено децата од институциите да бидат сместени во згрижувачки семејства или да бидат посвоени.

Центарот за социјални работи Куманово континуирано со години наназада ја анимира јавноста за згрижување на децата без родителска грижа. Директорката на кумановскиот Центар за социјални работи, Александра Арсовска информира дека низ годините растел минтересот за згрижување деца од ранливи категории без родителска грижа во семејства.

- Со гордост можеме да кажеме дека оваа бројка од ден во ден расте, скоро и да нема деца кои се сместени во големите институции, а од скоро време почнавме да сместуваме и деца од други градови, изјави Арсовска.

Сместувањето на децата во згрижувачките семејства е многу битно, бидејќи им се овозможува да растат, уживајќи ги основните права, правото да бидат заштитени од запоставување, од суровост, експлоатација, безбедно домување и здравствена заштита. Во државата оваа форма на заштита е позната од 1961 година првично се применувала во Скопје, а потоа и во останатите градови.

На денешната манифестација во Куманово, настапи Мартија Станојковиќ и балетски групи.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 14:21