За една третина се намалуваат расходите што локалната самоуправа на Кочани ќе ги плати за бесплатниот превоз на учениците во претстојната учебна година.
Со измените во условите за услугата и начинот на пресметување на трошоците за неа, од општината очекуваат во буџетот да се заштедат околу пет милиони денари, со што ќе се обезбедат пари за покривање на другите давачки во образованието.
- Од наредната учебна година општината ќе плаќа само за реално превезени ученици, наместо досегашната практика превозникот да добива пари за вкупниот број пријавени ученици што бил внесуван во договорот. Со тоа ќе се избегне обврската да се плаќа за ученици кои воопшто не присуствувале на настава или пак користеле друг транспорт за доаѓање и заминување од училиштето. Заштедата што ќе се направи на овој начин не е мала и парите ќе ги вложиме за реконструкција на санитарните јазли и подобрување на хигиената во училишните објекти, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Според Илијев, најдобар потврда дека новиот начин на пресметка на трошоците за превоз е што само во средното училиште „Гошо Викентиев“ за услугата ќе се платата над 3,5 милиони денари помалку во споредба со лани.
Досегашниот начин на договарање на бесплатниот превоз на учениците создаде огромни обврски кон превозникот што достигнаа над 43 милиони денари, поради што Општината беше принудена да бара долгот да се исплаќа постепено за да не се блокира нејзиното работење.