Здружението на слепи лица-Штип, кое ги покрива и општините Радовиш, Пробиштип, Карбинци и Конче оствари средба со заменик-менаџерот на рудникот „Бучим“ во Радовиш.

Претседателот на Здружението на слепи лица - Штип, Драги Витанов вели дека се благодарни што раководството на радовишкиот рудник „Бучим“ постојано им помага во организирањето на манифестации, но и на средбите што ги имаат со здруженијата од соседните општините.

- Ние ќе се потрудиме да ја промовираме општината Радовиш преку организирање на меѓународен настан. Имаме идеја тоа да биде меѓународен турнир во шах или концерт, вели Витанов.

Заменик менаџерот на рудникот „Бучим“-Радовиш, Николајчо Николов вели дека како општествено одговорна компанија секогаш ќе помагаат на Здружението на слепи лица, а нивните барања за донации како што рече се многу скромни.

Членовите на Здружението на Николов му подарија уметничка слика, која специјално е изработена и приладената за слепите лица. Авторот на делото, Ѓоко Антониев вели дека идејата и инспирацијата му е од неговиот пријател, кој е со изгубен вид.

- Сликата е изработена со браевото писмо, односно со точки, кои што се испакнати на платното и со повлекување на прстите можат да ги читаат буквите и има ограничено граничник, до каде се наоѓа бојата или формата, за да можат да знаат, колку е голема формата на сликата, вели Антониев.

Здружението на слепи лица-Штип, кое опфаќа вкупно пет општини има вкупно 99 членови, од кои 60 отсто се со потполно изгубен вид.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 16:08